Фото: Твитер/Стејт департмент

Нема да се случи прием на Украина во НАТО за време на воени дејствија, бидејќи тоа би значело војна меѓу САД и Русија, изјави синоќа на редовниот брифинг портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

– Приемот на Украина во НАТО би бил несоодветен сега кога таа се наоѓа во состојба на војна, тоа би значело вовлекување на САД во војна со Русија. Претседателот Бајден уште на самиот почеток даде до знаење дека додека тој раководи (со администрацијата на САД), тоа нема да се случи – изјави Милер.

Додаде дека САД се одговорни пред Украина.

– Самата Украина покажа дека спроведува реформи… САД и понатаму ќе даваат помош (на Киев) во сферата на безбедноста, што му е потребна да извојува победа. Тоа е задача број еден и најважна од што и да било – изјави Милер.

Милер додаде дека откако Украина ќе го обнови својот одбранбен сектор, за обезбедување долгорочен ефект на задржување (на Русија), САД потоа ќе ги разгледуваат реформите што Киев треба да ги направи не само со САД туку и со другите земји членки на НАТО а со цел да стане полноправна членка на Алијансата.