Фото: Владимир Путин/инстаграм

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека војската е „гарант“ на стабилноста на земјата и дека военото индустриско производство ќе се зголеми за да одговори на „потребите во Украина“.

– Модерната и ефикасна армија и морнарица се гарант за безбедноста и суверенитетот на земјата, гарант за нејзиниот стабилен развој и нејзината иднина, рече Путин во краткото видео обраќање по повод Денот на бранителите на татковината и на еден ден пред првата годишнина од руската инвазија на Украина.

– Затоа, како и досега, приоритетно внимание посветуваме на зајакнувањето на нашите одбранбени способности, истакна Путин.

Тој вели дека сака „балансиран висококвалитетен развој на сите компоненти на вооружените сили“, опремување на трупите со „нови ударни системи, опрема за извидување и комуникација, беспилотни летала и артилериски системи“.

Во кусото видео објавено од Кремљ, Путин го поздрави и „тековното зголемување на производството на сите видови конвенционално оружје“ во рускиот воено индустриски комплекс и повика да се направи повеќе.

Рускиот претседател уште еднаш ја истакна „храброста“ и „херојството“ на руските војници распоредени во Украина по една година офанзива.

– Нераскинливото единство (на нацијата) е клучно за победата, рече тој.

Путин вчера одржа говор на главниот стадион во Москва по повод големиот патриотски концерт, во кој изјави дека руската армија во Украина се бори за „своите историски територии“.