Фото: Принтскрин

Спасувачите попладнево дојдоа на растојание од еден метар од 5-годишното дете кое е петти ден заробено во бунар во северниот дел на Мароко, по деликатна и опасна операција постојано одложувана поради опасност од лизгање на камења и земја во бунарот, јави новинската агенција „Ројтерс“.

Работниците со механички копачи деноноќно се обидуваат да го спасат 5-годишното дете Рајан Аврам, откако во вторникот падна во бунар длабок 32 метри во ридовите во близина на Шефшауен.
Фотографиите на мароканските медиуми покажуваат дека Рајан е стуткан на дното на неупотребуваниот бунар, кој се стеснува кон дното, спречувајќи ги спасувачите да се спуштат.

-Се надеваме дека нема да наидеме на камења – изјави главниот спасувач Абделхади Тамрани, додека имаше уште неколку метри за копање.

Подоцна државната телевизија објави дека спасувачите биле на 90 сантиметри од Рајан и дека точно ја утврдиле неговата локација од пристапниот тунел што го копале од ровот исечен на ридот.

Тамрани рече дека е тешко да се утврди здравствената состојба на детето, бидејќи камерата што е фрлена во бунарот го покажала детето како лежи на страна, но тој додаде: „Се надеваме дека ќе го спасиме живо“.