Фото: ССМ

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на својата страница на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави дека 300 членови на штрајкувачите одбори едногласно донеле одлука за собир пред Собранието во четврток, кога на дневен ред е предлог законот за зголемување на минималната плата.

-Донесена е одлука за организирање на собир пред Собранието на Македонија на 10 февруари 2022 година со почеток во 11 часот со општ повик до сите граѓани, работници и синдикати за поддршка на пратениците веднаш да го изгласаат законот за минимална плата од 18.000 денари и спирално зголемување на останатите плати – наведуваат од ССМ.

Во објавата се наведува дека е донесена и одлука за организирање други облици на притисок, блокирање на фабрики, институции и патишта со предходна најава и организација.

Вчера не беше постигнат договор за зголемување на минималната на состанокот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. По средбата која се одржа во Владата, претседателот на ССМ, Дарко Димовски рече дека било очигледно дека работодавачите си гледаат само за себе.

Во Владата во понеделник ќе има седница на Економскиот совет на која ќе се дискутира за сите предлози изнесени за минималната плата. Од Бизнис конфедерација на Македонија бил доставен предлог и за обезбедување на финансиска помош за исплата на минимална плата од буџетот на државата.