Фото: Министерство за одбрана на Украина

САД бараат начини да го следат значителното снабдување на противтенковското и противавионско оружје што беше испратено во Украина, објавува „Си-ен-ен“ повикувајќи се на сопствени извори, кои додаваат оти постои „слепа точка“ поради отсуството на американски трупи на теренот. Згора, повеќето од оружјето е лесно преносливо, а со тоа и потешко за следење.

– Тоа е свесен ризик што администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е подготвена да го преземе, но смета дека претставува поголем ризик Украина да остане без вооружување – наведува извор на американската телевизиска мрежа.

Претставник на Пентагон истакува оти „станува збор за најголема скорашна испорака за сојузничка држава во конфликт“, при што САД го сметаат оружјето вредно стотици милиони долари како клучно за способноста на Украина да ја задржи руската офанзива. Но американските власти и аналитичари посочуваат дека постои можност оружјето да заврши кај војски за кои не е наменето.

– Имаме преглед за краток период, но кога ќе влезе во маглата на војната, видливоста се сведува речиси на нула. Тоа паѓа во голема црна дупка и речиси воопшто немате увид за него по краткорочниот период – вели извор на „Си-ен-ен“.

Бидејќи американската војска не е на теренот, САД и НАТО во голема мера зависат од информациите што им ги доставува украинската влада. Но, тие имаат обзир дека Украина пружа информации во прилог на нејзините апели за поголема помош, односно за добивање на повеќе оружје и дипломатска поддршка, заклучува „Си-ен-ен“.