Илустрација / Фото: Пиксабеј

Ронен Бар, шеф на израелската безбедносна служба Шин Бет, ќе поднесе оставка на крајот на војната во Газа поради пропусти во разузнавањето пред смртоносните напади на Хамас во јужен Израел на 7 октомври, изјави неговиот претходник на позицијата, Јаков Пери.

– Директно разговарав со него за тоа што се очекува и не се сомневам дека тој ќе биде еден од првите кои ќе ги „предадат клучевите“. Неговата намера е да ја напушти позицијата – изјави Пери.

Бар ја презеде личната одговорност на 15 октомври, наведувајќи дека немало претходни разузнавачки предупредувања за напади во пограничните населби на југот на Израел.

– И покрај серијата акции што ги презедовме пред 7 октомври, не бевме во состојба доволно да предупредиме за да спречиме такви напади – напиша Бар во тогашната порака до членовите на службата.

Тој додаде дека голема е неговата одговорност како шеф на Шин Бет и најави дека ќе дојде време за истрага и дека сега борбите траат.

Во меѓувреме одговорноста ја презедоа и други израелски функционери, а локалните медиуми на почетокот на војната коментираа дека премиерот Бенјамин Нетанјаху знае дека и неговата одговорност е голема, а ги обвинува сите други.