Фото: Архива

Самитот, на кој се собраа речиси педесет европски лидери, десетици асистенти и бројни новинари, заврши неуспешно бидејќи учесниците не успеаја да постигнат значителен напредок во решавањето на конфликтот пред вратата на Европа, како и за сите други регионални прашања, објави „Политико“.

Третиот состанок од ваков вид одржан во Гранада, Шпанија, беше можност за мировни преговори меѓу завојуваните Ерменија и Азербејџан, деескалација на тензиите на Балканот и одржување стратешка дебата за безбедноста во Европа.

Надежите на учесниците за деблокирање на хуманитарната криза во Нагорно-Карабах избледеа кога азербејџанскиот лидер Илхам Алиев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган решија да не присуствуваат на состанокот.

Лидерите се надеваа на првата средба меѓу Алиев и ерменскиот лидер Никол Пашинјан откако Азербејџан започна молскавична офанзива во Нагорно-Карабах, што предизвика егзодус на 100.000 бегалци.

Азербејџан ја обвини Франција за пристрасност во преговорите, но на крајот се согласи да учествува во нив, но само под покровителство на ЕУ во Брисел, напиша на социјалните мрежи помошникот на претседателот Алиев, Хикмет Хаџиев.

Чувството на залудност на овој неформален самит кулминираше кога организаторот на состанокот во последен момент ја откажа планираната прес-конференција што 700 новинари со нетрпение ја очекуваа, сметајќи ја за најважниот момент на состанокот.

Таму требаше да се дадат официјални изјави и да се одржи официјалната церемонија на префрлање на претседателството со Европската политичка заедница од Шпанија на Британија.