Фото: Принт-скрин

Русија се подготвува да анектира украинска територија и има намера да назначи нелегитимни и функционери што ѝ се блиски во подрачјата под своја контрола, соопшти Белата куќа.

Портпаролот на Националниот совет за безбедност, Џон Кирби на брифинг за новинари го откри она што го нарече американски разузнавачки податоци. Според неговите зборови, Русија се подготвува и да ја воведе рубљата како валута и да го принуди населението да поднесе барање за државјанство. Како што тој додаде, Русија се обидува и да преземе контрола врз ТВ-репетитори.

Кирби информираше и дека САД во следните денови ќе најават нов пакет оружје за Украина, што се бори со руските сили во источниот дел на земјата. Тоа би бил шеснаесетти пакет по ред.

Коментирајќи ја посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Техеран, Кирби нагласи дека се покажува колку Русија се изолирала.

Тоа беше прво патување на лидерот на Кремљ надвор од границите на поранешниот СССР, откако Москва на 24 февруари изврши инвазија врз Украина.

Минатата недела, САД тврдеа дека имаат информации што покажуваат дека Иран се подготвува да ја снабди Русија со неколку стотици дронови, вклучувајќи и некои што може да носат оружје. Според американски информации, Техеран исто така се подготвува и да ги обучи руските сили да ги користат дроновите. Иранскиот министер за надворешни работи ги негираше ваквите тврдења.

Кирби појасни оти сè уште нема знаци дека Иран ѝ ги испорачал дроновите на Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин во Техеран изјави дека Москва не ја гледа желбата на Украина да ги исполни условите од „прелиминарниот мировен договор од март“.

На крајот од посетата на Иран, Путин рече дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати понудиле да посредуваат меѓу Русија и Украина.

Украинската влада не одговори веднаш на изјавите на Путин.

Запрашан за можна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Путин рече дека Киев не се придржувал до условите од прелиминарниот мировен договор за кој рече дека „практично е постигнат“ во март.

– Конечниот резултат, се разбира… зависи од подготвеноста на страните да ги спроведат постигнатите договори. Денес гледаме дека властите во Киев немаат таква желба – рече Путин.

Преговорите се водеа во март, кога двете страни дадоа предлози, но без напредок. Украинскиот претседател Владимир Зеленски тогаш рече дека може да се верува само на конкретен резултат од разговорите.

Путин вчера во Техеран се состана со иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, продлабочувајќи ги врските меѓу двете земји, кои се под санкции од Западот.

За време на неговата посета на Иран, Путин се сретна и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со кого разговараше за договорот за обновување на извозот на жито од Црното Море од Украина, кој моментално е блокиран од Русија.

Главниот советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски нагласи дека Украина не сака војната да трае до зимата, бидејќи тоа ќе им даде време на руските сили да ја попречат секоја украинска контраофанзива.

Шефот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак, во интервју за украинскиот магазин НВ, изрази надеж дека американската помош за Украина ќе обезбеди доволно количество оружје пред зимата за да можат украинските сили да постигнат „победа“ пред тоа.

„За нас е многу важно да не влеземе во зима. По зимата, кога Русите ќе имаат повеќе време да ги задржат своите позиции, сигурно ќе биде многу потешко“, рече Јермак.

Според него, „Русија се обидува да ја вовлече Украина во таков продолжен конфликт“.

Кремљ соопшти дека нема временско ограничување за конфликтот што почна на 24 февруари.