Одредени руски аналитичари од клучните државни министерства во Кремљ, по одлуката на Германија и САД да ги испорачаат своите тенкови во Украина, нагласија дека е дојдено време за „руска објава на економска војна“ на ЕУ (не само во однос на енергијата туку и во однос на другите суровини), потсетувајќи дека тоа го направи британскиот премиер Винстон Черчил во Втората светска војна во однос на нацистичка Германија
СУДИРОТ НА ТИТАНИТЕ ОД ЗАПАДОТ
И ИСТОКОТ СÈ ПОВЕЌЕ СЕ КОМПЛИКУВА
Oткако на 5 декември Европската Унија воведе ембарго за увоз на руска нафта (освен онаа што се испорачува преку цевководи), на 5 февруари стапува во сила ембаргото на ЕУ за нафтени деривати увезени од таа земја, пред сѐ дизел-гориво. Поради ова, сега се очекуваат проблеми на двете страни: недостиг од нафта за ЕУ, на која хронично ѝ недостига дизел, како и проблем за Русија, чие рафинирано дизел-гориво ќе мора да бара нови клиенти.
Двете страни на еден ист феномен
Според „Гулф њуз“, Европската Унија ќе мора да најде 600.000 барели дизел дневно од други извори. Во истиот контекст, од другата страна на медалот, дизелот е најголемиот извор на приходи за Русија, па поради ваквата одлука на ЕУ сигурно ќе трпи финансиски загуби додека не се најде алтернативен пазар. Затоа, на експертите им беше јасно дека ЕУ играше опасна игра на исцрпеност со Русија поради украинската војна – со фактот дека таа нема речиси никакви или екстремно недоволни извори на овој извор на енергија, па „трката“ во оваа смисла изгледа многу нерамноправно. Сепак, геополитичките цели се јасен приоритет за Брисел во однос на неговите економски и социјални интереси. Зашто, сакале да признаат или не европските економисти и енергетски експерти, сета оваа политика на трошење, која интензивно се спроведува по руската инвазија на Украина, порано или подоцна им се враќа како бумеранг на самите жители, односно на граѓаните на ЕУ.
ЕУ е економски регион во светот со најголема зависност од увоз на дизел
Околу 500 милиони барели дизел се испорачуваат во ЕУ секоја година, а според „Вортекса“, обично половина од тој волумен се испорачува од руските терминали. Во 2022 година, ЕУ увезла дури 220 милиони барели дизел гориво од Русија – без оглед на украинската војна. Според „Маркетс“, Русија остана најголемиот снабдувач на дизел за ЕУ и Велика Британија во 2022 година, и покрај украинскиот воен конфликт. Други нивни доставувачи беа Саудиска Арабија, Индија, САД и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Некои светски аналитичари од областа на енергетиката предупредуваат дека по недостигот од природен гас во 2022 година, ЕУ сега може да се соочи со опасност од недостиг од дизел во тековнава, 2023 година.
Во овие и вакви околности, економски експерти ја истакнуваат можноста Турција сега да ја искористи можноста што се создаде од новонастанатата ситуација.
Имено, Турција покрај тоа што веќе се договори со Русија за создавање гасен јазол (центар) на своја територија за испорака, меѓу другото на руски природен гас, кој повеќе не се испорачува во ЕУ преку гасоводите Северен тек и Јамал Европа (се испорачува само во намалени количества преку Украина, како и преку црноморскиот гасовод Турски тек, поточно едната нејзина цевка, додека другата го снабдува турскиот пазар), Анкара сега гледа одлична можност токму Европа да ја снабдува со својот дизел (произведен од турските рафинерии). Со оглед на тоа што сега Турција може да го задржи за себе поевтиниот руски дизел што ѝ доаѓа, може да направи „одлична трговија“, испорачувајќи им поскапо дизел-гориво на странските клиенти. Токму ова го пишува и турскиот медиум „Хабер7“ во својата анализа.
Истиот медиум пишува дека ембаргото на ЕУ за увоз на руски дизел се очекува да предизвика значителни промени во глобалните дизел-маршрути, што е уште една одлична можност за Турција.
Повеќе причини за загриженост поврзана со снабдувањето со дизел- гориво на светскиот пазар
Во повеќе анализи, а меѓу другото и во споменатата анализа на „Хабер7“, се предупредува и на друга, мошне длабока загриженост поврзана со снабдувањето со дизел-гориво на светскиот пазар, покрај гореспоменатата причина поврзана со европското ембарго за руските нафтени деривати.
Имено, станува збор за плановите за ремонт на многу американски рафинерии до крајот на мај. Најмалку 15 од нив ќе го стопираат производството заради тековно одржување во период од две до единаесет недели до крајот на мај годинава. Овој факт е истакнат од страна на „ИИР енерџи“. Вкупниот пад на производството на американските рафинерии до средината на февруари ќе изнесува околу 1,4 милион барели.
И во Европа некои рафинерии исто така ќе бидат затворени поради тековно одржување. Покрај нив, производството ќе биде намалено и во две рафинерии во Источна Германија, кои претходно преку гасоводот добиваа руска нафта. Проблем е и штрајкот на работниците во една од поголемите рафинерии во Франција, како и плановите на тамошните рафинерии за редовно одржување.
Сето ова заедно ја засилува загриженоста за снабдување со дизел-гориво во Европа.
И на крајот, но не најмалку важно, е и катастрофичната најава во јавноста од страна на некои угледни руски аналитичари од системот на клучни државни министерства, по одлуката на Германија и САД за испорака на нивните тенкови во Украина. Тие нималку несериозно нагласуваат дека „е дојдено време за руска објава на економска војна“ (?!) за Европската Унија (не само за енергијата туку и за прашањето за другите суровини што Руската Федерација продолжува да ги снабдува во ЕУ), потсетувајќи дека британскиот премиер Винстон Черчил го направи токму тоа во Втората светска војна во однос на нацистичка Германија.
Според аналитичарите на „Геополитика“, „прекинот на сите руски испораки на енергија во ЕУ сепак ќе се случи порано или подоцна поради политиката на Брисел да се ослободи од нив, како и поради политиката на енергетска транзиција, т.е. на обновливите извори на енергија“! Тие нагласуваат дека „геополитичкото, а со тоа и геоекономското (а уште потесно – геоенергетското) преструктурирање на светот се одвива со забрзано темпо“! Промените се веќе и сега болни за многумина, иако крајот на процесот на глобално преструктурирање сè уште е далеку.
Аналитичарите на „Геополитика“ сметаат дека сето тоа е многу силно поврзано и зависи од исходот на војната во Украина, а ситуацијата таму станува сѐ понапната – додека ниту една од конфликтните страни, очигледно, нема намера да се повлече, свесни за огромната важност на загрозените влогови.