Русија и Кина се во финална фаза на заемно отворање сметки на компании за да го заобиколат користењето на т.н. СВИФТ-систем. Ова го изјави рускиот вицепремиер Александар Новак на четвртиот руско-кинески енергетски бизнис-форум.
За потсетување, СВИФТ е систем што го користат финансиските институции за да комуницираат во врска со плаќањата. Имено, СВИФТ-системот не се користи за трансфер на пари, не чува пари, не е само по себе средство, туку само систем за испраќање информации помеѓу банките и другите финансиски институции.
Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека плаќањата според договорите за испорака на гас од Русија во Кина веќе се префрлаат во националните валути на двете земји. Дополнително, пресметките за снабдување со нафта, нафтени деривати и јаглен активно се пренесуваат на рубли и јуани, додаде тој.
– Ова овозможува да се спречат ризиците и да се промовира преминот на рубљата и јуанот до статус на светски резервни валути. Во таа насока, Централната банка на Русија и Банката на Кина работат на можноста за отворање сметки за руски компании во Кина, кинески компании во Русија и создавање платен систем без користење на СВИФТ – рече вицепремиерот.
Новак додаде дека Русија и Кина исто така планираат заеднички да развијат производство на опрема за енергетскиот сектор.
– Денес Кина е еден од клучните производители на опрема во секторот за нафта и гас. Веќе постои тесна соработка во снабдувањето со опрема за нафта и гас за проекти во Русија – нагласи тој.