Фото: Принт-скрин

Кина со амбиции да го преземе приматот за производство на бродови за транспорт на ЛНГ

Кинеските бродоградители ги предизвикаа „на двобој“ јужнокорејските градители на бродови превозници на течен природен гас ЛНГ, кои се водечки во светот во тој домен. Имено, кинеската државна компанија ЦССЦ објави дека ќе започне со изградба на бродоградилиште во вредност од околу 20 милијарди јуани (2,76 милијарди долари) во градот Далиан во ноември, преку локалната единица ДСИЦ. Целта е изградбата да се заврши на крајот на 2024 година, изјави извор запознаен со ова прашање. Државната пристанишна компанија „Чајна мерчантс груп“ нарачала четири големи бродови за ЛНГ од ЦССЦ. Досега, ДСИЦ главно се фокусираше на контејнерски бродови и превозници на рефус. Сега, новиот објект ќе произведува бродови за ЛНГ и други бродови со висока додадена вредност, користејќи врвна технологија за да се зголеми ефикасноста на производството, пишуваат кинеските медиуми.
Фокусот на Кина на носачите на ЛНГ е поттикнат од глобалниот тренд на декарбонизација и руско-украинската војна, велат аналитичарите. Овие два фактора ја зголемија побарувачката за еколошка енергија, па сѐ повеќе сопственици на бродови бараат бродови со ЛНГ. Иако корејските бродоградители заземаат незаменлива позиција на пазарот на бродови за ЛНГ, кинеските бродоградители добиваат сѐ повеќе нарачки бидејќи пристаништата на корејските бродоградители се целосно резервирани.
Сепак, постои загриженост дека снабдувањето со ЛНГ-носачи од кинески бродоградители ќе резултира со прекумерна понуда.
– Во моментов, Катар дава нарачки за десетици брода со ЛНГ во текот на една година, но никој не знае дали побарувачката за бродови со ЛНГ ќе биде одржлива во иднина. Постои ризик од прекумерно снабдување доколку нарачките за бродови со ЛНГ се вршат во големи количества со сегашната стапка – вели Ву Џонг-хун, професор по бродоградба во Националниот универзитет во Сеул.
Аналитичарите велат дека ќе се зголеми неизвесноста во однос на цените на носачите на ЛНГ, кои се во нагорен тренд.
– Цените на бродовите беа солидни поради ограничената понуда на носачи на ЛНГ, но индексот на цените ќе биде нарушен бидејќи кинеските бродоградители добиваат сè повеќе нарачки за носачи на ЛНГ – рече Ли Бонг-Џин, истражувач во специјализирана компанија за транспорт и безбедност.