Фото: Принтскрин

Руските сили ги засилија артилериските и воздушните напади во источниот украински град Бахмут, изјави командантот на копнените сили на Украина.

Борбите во и околу Бахмут траат со месеци и се сегашниот епицентар на војната во Украина.

– Непријателот во моментов ја интензивира активноста на тешка артилерија и воздушни напади, претворајќи го градот во урнатини – изјави генералот Олександр Сирскиј.

Тој рече дека Русија останува посветена на освојување на Бахмут „по секоја цена“, но дека во обидот да ја постигне таа цел има значителни загуби.

Русија тврди дека и украинските сили трпат големи загуби во тој град во источна Украина.

Освојувањето на Бахмут може да послужи како отскочна даска за Русија да напредува кон двата града во регионот Доњецк – Краматорск и Славјанск.

Шефот на платеничката руска воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, која го предводи обидот за преземање на Бахмут, неодамна изјави дека нејзините борци контролираат повеќе од 80 отсто од градот. Украина го негираше ова, велејќи дека сè уште контролира значително поголем процент од градот.

– Се очекува дека украинската армија ќе започне контраофанзива во наредните недели или месеци со цел повторно да ги заземе териториите под руска контрола – пишува агенцијата „Ројтерс“.