Фото: ЕПА

МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ШАХОВСКИ ПРВАК, НЕПОМНИЈАШЧИ – ЛИРЕН 3-3

Мечот за светски првак помеѓу Непомнијашчи и Лирен веќе донесе четири победи во првите шест партии (од предвидените 14), нешто што претходно беше видено на мечевите Корчној – Карпов во 1981 година и Спаски – Фишер во 1972 година

Шестата партија од предвидените 14 на мечот за светски шаховски првак во Астана (Казахстан), помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи (2.795 рејтинг-поени) и Кинезот Динг Лирен (2.788), заврши со блескава победа на Лирен во 44-от потег и четири часа игра, откако Непомнијашчи се најде пред неодбранлив мат. Со четири партии со победа во првите шест кола и двајцата шахисти покажуваат жестока одлучност за триумф. Моментниот резултат е 3-3, а следната седма партија се игра денеска.

Играјќи со бели фигури по поразот во петтата партија, Лирен првпат се одлучи за отворањето „лондонски систем“, по кое неговата позицијата беше повеќе ветувачка. Откако Лирен го освои пешакот на ц4, единствената шанса на Непомнијашчи беше неговиот слободен пешак по А-линијата, но неговата кралица на полето ц1 беше далеку за да стори нешто. Со напредувањето на пионот на д5 матната мрежа почна да се „плете“, што доведе Непомнијашчи да се предаде.

Зборувајќи за играта и досегашните резултати, холандскиот велемајстор Аниш Гири, кој со Англичанецот Давид Ховел во живо го коментира мечот, ја истакна подготвеноста на двајцата играчи да одат со остра игра директно на победа, наместо на реми.
– Неверојатен меч. Вакво нешто одамна не сум видел – изјави Гири, кој откако Лирен одигра со кралицата на ц7, во прв момент не можеше да ја види матната закана и беше мошне пријатно изненаден, откако со Ховел ја сфатија идејата на Лирен.

Мечот за светски првак помеѓу Непомнијашчи и Лирен веќе донесе четири победи во првите шест партии, нешто што претходно беше видено на мечевите Виктор Корчној – Анатолиј Карпов во 1981 година и во мечот на векот Борис Спаски – Роберт Фишер во 1972 година. Очигледно и двајцата играчи се подготвени за непредвидлива и возбудлива борба, која долго време не е видена на шаховски меч за светски првак.
– Одиграв една од моите најлоши партии досега. Секој потег беше лош, а целата моја игра се состоеше од неточности. Имав лош ден – вели Непомнијашчи.

Лирен се согласи дека можеше да игра подобро во средишницата, но генерално, беше задоволен од она што го покажа на таблата.
– Не бев сигурен кое отворање да го играм. Се обидов да ја задржам позицијата и да имам некои можности да играм на победа. И мислам дека испадна многу добро. Поразот од претходната партија не ми влијаеше многу – рече Лирен. Г.И.