Фото: Кремљ

Рускиот претседател Владимир Путин денешните ракетни напади на Москва врз бројни украински градови ги опиша како одговор на „терористичките напади“ на руска територија и предупреди дека може да следи уште поостар одговор, јави ДПА.

Рускиот претседател Владимир Путин повторно ја обвини Украина за нападот врз мостот на Крим, нарекувајќи го тоа „терористички чин“ Тој уште тврди дека Украина се обидела да го дигне во воздух и гасоводот „Турски тек“.

– Ако нападите врз Русија продолжат, одговорот ќе биде остар. Одговорите ќе бидат со иста јачина како и заканите за Русија. Во случај на натамошни обиди за извршување терористички акции на наша територија, одговорот на Русија ќе биде остар – рече тој на состанокот на Советот за безбедност на Руската Федерација.

Тој призна дека „ракетите со голем дострел” целеле енергетски, воени и комуникациски објекти на Украина во координиран напад.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, возврати на најновите закани на Путин и рече дека рускиот претседател не бил „испровоциран да изврши ракетни напади со голем дострел против Украина“.

– Путин ја напаѓа Украина затоа што е очаен и користи ракетен терор за да се обиде да го промени темпото на војната во своја полза – посочи Кулеба во серија твитови.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко, пак, рече дека Белорусија и Русија ќе распоредат заеднички воени единици на западните граници на земјата како одговор на, како што рече, „ескалацијата на тензиите“, објави државната новинска агенција „Белта“.

Според Агенцијата, Лукашенко рекол дека двете земји ќе распоредат регионална воена група чие оформување почнало пред два дена, очигледно по експлозијата на мостот на Крим.

Руските медиуми пренесуваат изјава на Лукашенко кој рекол: „Сето тоа е според нашите документи. Ако заканите го достигнат сегашното ниво, почнуваме да ја користиме државната унија.”

Кина повика на деескалација во Украина откако утринава експлозии потресоа неколку градови, вклучително и главниот град Киев.

– Се надеваме дека тензијата наскоро ќе стивне – рече портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.