Фото: принтскрин

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го покани рускиот претседател Владимир Путин во неговата земја за време на нивните разговори во Русија, објавија утринава државните медиуми, при што се очекува Ким да го продолжи своето патување со посета на воено производствени капацитети.

– Путин ја прифати поканата, објави Корејската централна новинска агенција (КЦНА), без да прецизира кога би можела да се одржи посетата – пренесе БТА.

Ким Јонг-ун му рекол на Путин дека средбата на рускиот Далечен Исток ги подигнала билатералните врски на ново ниво и ја изразил својата подготвеност да поттикне стабилни односи насочени кон иднината во следните сто години.

Двете страни се договориле дополнително да ја зајакнат стратешката и тактичката соработка наспроти „воените закани, провокациите и тиранијата на империјалистите“, пренесе БТА.

Севернокорејскиот лидер ги нарече врвен приоритет односите на неговата земја со Русија и вети целосна поддршка за Путин и неговата влада среде војната во Украина.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден нема да се двоуми да воведе дополнителни санкции за Русија и Северна Кореја доколку склучат какви било нови договори за оружје меѓу себе, соопшти синоќа американскиот Стејт департмент, цитиран од британските медиуми.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер ги даде предупредувањата на прес-конференција како одговор на прашањата на новинарите за средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

-Веќе презедовме голем број активности за да ги санкционираме организациите кои посредуваат во договори за оружје меѓу Северна Кореја и Русија и нема да се двоумиме да преземеме дополнителни активности доколку е потребно, рече Милер.

Според портпаролот, причина за загриженост е тоа што Русија и Северна Кореја разговараат за поширока соработка што може да ги прекрши резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

-Ако го погледнете она што се чини дека е засилена соработка и веројатна размена на оружје, тоа е многу вознемирувачко и потенцијално би прекршило повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН – резимира Милер.