Русија

Подготвил: Mарјан Велевски

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша четири закони со кои се ратификува анексијата на окупираните региони Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон од страна на Руската Федерација.

Границите на новите субјекти на Федерацијата, како што произлегува од договорот, ќе бидат одредени со границите што постоеле на денот на нивното формирање и прифаќање во Руската Федерација – се наведува во документите потпишани од Путин.
Државната дума и Советот на федерацијата, Долниот и Горниот дом на рускиот парламент, претходно ги ратификуваа документите за прием на самопрогласените народни републики Луганск и Донецк, како и на Запорожје и Херсон во Русија.

До изборот на нови раководители, со овие региони ќе управуваат привремени вршители на должноста назначени од Путин, пишува ТАСС. Рускиот претседател го назначи Денис Пушилин за вршител на должноста шеф на Народна Република Донецк, Леонид Пашечник за привремен шеф на Народна Република Луганск, Евгениј Балицки за вршител на должноста гувернер на областа Запорожје и Владимир Саљд за привремен гувернер на регионот Херсон.

Вршителите на овие региони управуваат со териториите додека не се изберат шефовите на новите региони во согласност со руските закони на изборите следната година.