Во свој авторски текст, турскиот претседател анализира зошто неговата земја го блокира влезот на Шведска и на Финска во Северноатлантската алијанса

Реџеп Таип Ердоган за иднината на северноатлантската алијанса:

Турција е горд и незаменлив сојузник на НАТО веќе 70 години. Државата ѝ се приклучи на Алијансата во 1952 година, откако испрати војници во Кореја во одбрана на демократијата и слободата. За време на Студената војна и по неа, Турција беше сила што се залагаше за стабилизација и за добросостојба во регионите на Блискиот Исток, Кавказ и Црно Море. Турската војска, исто така, беше распоредена во многу делови од светот, од Косово до Авганистан, како дел од мисиите на НАТО.
Заканите по меѓународниот мир и безбедност се сменија во последниве години и тоа наведе многумина да веруваат дека НАТО е „застарена“ организација, која престана да ѝ служи на својата цел. Емануел Макрон дури рече во 2019 година дека Алијансата доживува „мозочна смрт“. Истите луѓе ја доведуваа во прашање улогата на Турција во НАТО. Тој спој на пусти желби и екстремна стратегиска кусогледост ја чинеше Алијансата многу години.
Сепак, Турција одби да верува дека кусогледите и повремено непромислени ставови на одредени земји-членки ја одразуваат позицијата на НАТО како целина. Напротив, таа ја истакна важноста на НАТО и ги повика земјите-членки да ги преземат неопходните чекори, кои вклучуваа ажурирање на мисиите на НАТО за одговор на новите закани и преземање чекори за организацијата да стане порелевантна за новите геополитички и глобални предизвици. Исто така, тој повик беше во согласност со одговорот на Турција на продлабочената нестабилност на меѓународниот систем.
Во таа смисла, Турција тврдеше дека НАТО, како и сите други меѓународни организации, мораше да спроведе одредени реформи за да се справи со новите безбедносни закани. Конкретно за тероризмот, недостигот од колективна акција, и покрај директните напади врз многу земји-членки, ја поткопа безбедносната соработка и поттикна длабока недоверба во организацијата кај граѓаните од земјите-членки на НАТО. Турција го истакна тој тренд на сите самити на НАТО и истакна дека меѓународната соработка е од клучно значење за трансформација на борбата против тероризмот. Турција сакаше НАТО подобро да соработува за разузнавачките и воените прашања кога стануваше збор за справување со терористичките организации, не само за да спречи терористички напади туку и да го спречи финансирањето на тероризмот и регрутирањето во границите на НАТО. Затоа, Турција останува посветена на таа позиција.

Исто така, Турција постави легитимни и неопходни барања до НАТО, бидејќи избувнаа повеќе граѓански војни во нејзиното соседство, со цел да се гарантира безбедноста на границите и воздушниот простор, како и безбедноста на луѓето, откако во регионот се појави најголемиот бегалски бран од Втората светска војна. Во голема мера напуштена, Турција сама се справи со сите тие кризи и плати висока цена за време на тој напор. Иронично, сите чекори преземени под чадорот на НАТО би ја подготвиле Алијансата за идни конфликти и кризи на нејзините граници.
Новиот развој на настаните, кој произлезе од конфликтот во Украина, докажува дека очекувањата и повиците на Турција беа точни. Одредени земји-членки, кои одеднаш го ценеа геополитичкото позиционирање на Турција, бидејќи тој конфликт предизвика широко распространето нарушување, увидоа дека Анкара беше во право што презеде одредени чекори во минатото. Турција беше во право кога побара од членките на НАТО да се подготват за геополитичките предизвици што доаѓаат и, и покрај оние што тврдеа дека НАТО е ирелевантно, Турција беше апсолутно во право што изјави дека организацијата ќе биде сè поважна.
Бидејќи сите сојузници на НАТО ја прифаќаат критичната важност на Турција за Алијансата, жално е што некои членки не успеваат целосно да увидат одредени закани за турската држава. Турција тврди дека приемот на Шведска и на Финска повлекува ризици за нејзината безбедност и иднината на организацијата. Турција има целосно право да очекува дека тие земји, кои ќе очекуваат втората по големина армија на НАТО да ги одбрани според членот 5, ќе ги спречат регрутирањето, собирањето средства и пропагандните активности на ПКК, која Европската Унија и Америка ја сметаат за терористички ентитет.

Турција сака земјите-кандидатки за членство да ги ограничат активностите на сите терористички организации и да ги екстрадираат членовите на овие организации. Анкара достави јасни докази до властите во овие земји и чекаше акција од нив. Исто така, Турција сака овие земји да ги поддржат антитерористичките операции на членките на НАТО. Тероризмот е закана за сите членки и земјите-кандидатки треба да ја препознаат оваа реалност пред да се приклучат. Доколку не ги преземат неопходните чекори, Турција нема да го промени ставот по ова прашање.
Понатаму, Турција нагласува дека сите форми на ембарго за оружје, како што е она што Шведска ѝ го наметна, не соодветствуваат со духот на военото партнерство под чадорот на НАТО. Ваквите ограничувања не само што ја поткопуваат турската национална безбедност туку и го нарушуваат идентитетот на НАТО. Бескомпромисното инсистирање на Шведска и на Финска за приклучување кон Алијансата додаде непотребна точка во агендата на НАТО.
Приговорот на Турција за приемот на Шведска и на Финска, кои останаа неутрални до најновите случувања, претставува одлучувачки чекор преземен во име на сите нации што до денес беа цел на терористички организации. На крајот на денот, тероризмот не познава религија, нација или боја. Една од основните цели на НАТО е секоја земја-членка решително да се спротивставува на секоја организација што има цел да му наштети на цивилното население. Ниту една земја не ужива никаква привилегија во тој поглед.

Ставовите на Шведска и на Финска во однос на загриженоста за националната безбедност и размислувањата на другите земји, со кои тие би сакале да бидат сојузници, ќе одреди до кој степен Турција би сакала да биде сојузник со тие држави. Незнаењето и наметливоста на оние што се осмелуваат да ги преиспитаат односите меѓу Турција, која усвои позитивен и конструктивен пристап во однос на проширувањето на Алијансата во минатото, и НАТО не го менуваат турскиот став. Турција, која е отворена за сите форми на дипломатија и дијалог, силно препорачува таквиот фокус да биде насочен кон убедување на кандидатите да ги променат своите позиции. Не постои авторитет во Анкара кому може да му се каже што да прави од страна на која било земја што не е подготвена да се бори против тероризмот. Турција верува дека угледот и кредибилитетот на Алијансата ќе бидат загрозени доколку членките на НАТО следат двојни стандарди во однос на борбата против тероризмот.

Реџеп Таип Ердоган