Фото: Лукашенко/Интернет-страница на белорускиот претседател

Белорусија

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, најави општа мобилизација, но, за среќа, не за војна, иако веќе некое време се шпекулира дека белоруската армија би можела да биде вклучена во воените операции во Украина на страната на Русија.
Прогласувам општа мобилизација! Мобилизирајте ги сите – средношколци, студенти, работници, државни службеници, јавни личности – гласеше повикот на Лукашенко, со кој го мобилизира населението за берба и други земјоделски работи.

Како што објасни тој, сега е одлична можност за „добра заработка“, бидејќи житарките се бараат насекаде, има недостиг, па зошто да не се зајакне буџетот.
Русија и Кина и онака ќе купат сè – сигурен е Лукашенко.
Тој апелирајќи да не се изгуби ниту едно зрно, домат или компир, бидејќи тоа значи губење на неопходните евра, долари или рубли за белоруската економија.
Директивата до локалните началници низ Белорусија е да се мобилизираат сите што можат да работат на полињата.

Ако човек работи 5-6 часа на терен, сите ќе бидат задоволни, и родителите и државата, а децата ќе имаат корист од свежиот воздух, ќе станат физички посилни – ја објаснува својата одлука Лукашенко.
Но некои од белоруските медиуми шпекулираат дека Лукашенко, всушност, сака да провери колку луѓе се способни за војна. Имено, мобилизациските повици за жетва ќе ги испраќа локалната управа, која на тој начин ќе ги попише лицата што работат, а што се способни за војска, за да не се случи мобилизацијата да биде хаотична како во Русија. Списоците „од жетвата“ ќе бидат испратени до канцелариите за воена мобилизација, па многумина стравуваат дека ова е подготовка за вистинска воена мобилизација.

Од своја страна, Лукашенко, како што јави белоруската новинска агенција Белта, изјавил дека е верен сојузник на Русија и дека нема да дозволи воените операции да се префрлат на територијата на Белорусија, а нивната задача е да се погрижат Русија да не биде загрозена од Полска, Литванија и Летонија преку Белорусија.
Ќе биде интересно да се види колку луѓе ќе одговорат на овој повик на претседателот на државата, кој на почетокот на својата кариера беше директор на колхоз.