Фото: Пекселс

Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека климатските промени ќе поттикнат различни здравствени ризици, кои се во фокусот на вниманието на глобалните разговори за климата КОП28.

На почетокот на месецов, назначениот претседател на КОП28 од Обединетите Арапски Емирати, султанот Ахмет ал-Џабер, рече дека самитот на ОН за климата во декември ќе биде првиот што ќе му посвети ден на здравјето и ќе биде домаќин на министерскиот состанок за здравство и клима, пишува „Џепан тајмс“.

Според податоците што ексклузивно ги сподели Светската здравствена организација (СЗО), владите се повеќе се фокусираат на здравствените ризици поттикнати од глобалното затоплување, при што повеќето нации сега се фокусираат на загриженоста околу маларијата и срцевите заболувања во нивните климатски планови.

Повеќе од 90 отсто од земјите вклучиле здравствени опасности во нивните заложби за справување со климатските промени, познати како Национално определени придонеси (НДЦ), што е повеќе од 70 отсто во однос на 2020 година.

Директорката за јавно здравје и животна средина на СЗО, Марија Неира, рече дека климатската криза ги загрозува клучните столбови на јавното здравје – вклучително и пристапот до храна, вода, засолниште и чист воздух – и дека земјите може да имаат тешкотии со соодветната реакција на растечките ризици.

-Климатските промени ќе ги поттикнат сите можни здравствени катастрофи што ги очекуваме. Треба да се погрижиме да имаме здравствени системи соодветни за 21 век – рече Неира пред објавувањето на годишниот извештај за здравствена статистика на СЗО.

Оваа криза во јавното здравство предизвикана од аерозагадувањето не е толку високо на политичката агенда колку што би требало. Ако сакаме повеќе акција за убедување на луѓето (да дејствуваат на климатските промени), треба да им кажеме за опасноста од директни последици.

Загревањето во светот ќе надмине 1,5 Целзиусови степени

Наодите доаѓаат откако Светската метеоролошка организација предупреди дека во следните пет години има две третини шанси глобалната просечна температура да ја надмине границата за затоплување од 1,5 степени Целзиусови, проектирана во Парискиот договор од 2015 година.

Климатолозите предупредија дека границата од 1,5 степени Целзиусови е клучна точка на пресврт, по која влијанието од порастот на морското ниво до екстремните температури веројатно ќе стане многу посилно.

Последниот извештај од Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (ИПЦЦ) ги истакна различните здравствени ризици чувствителни на климата, како што се топлотен стрес, зголемување на болестите што се шират преку храната, растечки недостиг на вода, промени во опсегот на инсекти и паразити и влошување на менталното здравје.

Неира рече дека иако 91 отсто од земјите ги препознале потенцијалните здравствени проблеми, само 10 отсто од нив ги вклучиле во своите анализи потенцијалните здравствени придобивки од преземање климатски мерки.

Таа го истакна загадувањето на воздухот, истакнувајќи дека справувањето со него може да заштеди пари и животи, зашто луѓето ширум светот се борат со хронични здравствени проблеми како што се астма и срцеви заболувања. Загадениот воздух, често поврзан со согорувањето на фосилните горива, предизвикува повеќе од 6,5 милиони смртни случаи годишно на глобално ниво,а оваа бројка постојано расте.

Неусогласеност помеѓу здравствениот фокус и климатските амбиции

Новиот извештај на Глобалната алијанса за клима и здравје оцени 58 нации во однос на нивната ефикасност во справувањето со здравствени проблеми. Најдобри резултати покажаа нациите со низок и среден приход, додека богатите земји, вклучувајќи ги Австралија, Јапонија и Нов Зеланд, беа на дното од листата. Алијансата објасни дека земјите со пониски приходи имаат тенденција да бидат поранливи на климатските влијанија, па оттука, подобро ги разбираат врските помеѓу здравјето и животната средина.

Подготви: Валбурга Батева Николоска