Фото: Olimpics.com

Остануваат повеќе од 14 месеци до церемонијата на отворањето на Игрите во Париз 2024, а продадени се веќе 70 отсто од 10-те милиони билети предвидени за Олимписките игри, соопштија од организациониот комитет на Игрите.

Следен чекор, на организаторите на Игрите е пуштање во продажба на билетите за Параолимписките игри, на 9 октомври.

Интересот на навивачите и љубителите на спортот за спектаклот ги надмина сите очекувања, изјави директорот на Игрите во 2024 година, Тони Естанке.

Олимписките игри се одржуваат од 26 јули до 11 август следната година.

И кај организаторите и кај навивачите имаше скептицизам дека високите цени на билетите ќе придонесат за помал одѕив, но реалноста е поинаква, од моментот кога се пуштени во продажба билетите.

– Четиринаесет месеци пред Игрите продадовме речиси 6,8 милиони билети. Тоа ни покажува колкав ентузијазам постои. Тоа е голем успех и ги надмина нашите очекувања – вели поранешниот француски олимпиец.

Естанке прецизира дека 5,2 милиони билети од вкупно осум што им се достапни на фановите ширум светот се продадени во две фази, а втората е штотуку завршена.

Околу три милиони билети се уште се во оптек за продажба.

– Ова е бројот на билети кои се уште се достапни за сите љубители на спортот, за сите заинтересирани кои сакаат да бидат дел од Олимписките игри, а ќе можат да ги набават кога ќе започне новата фаза на продажба – стои во објавата на официјалната страна на ЛОИ.

Француската јавност претставува две третини од купувачите – 63,5 отсто од купувачите живеат во Франција и 36,5 отсто во странство односно луѓе од 178 земји купиле билети во текот на оваа фаза од продажбата.

Околу 60 отсто од билетите биле продадени по цена од 100 евра, додека 17 отсто од билетите се продадени по цена од 24 евра.

Средната возраст на купувачите била 40 години, додека пак 45 отсто од купувачите се жени, стои во соопштението на организаторот.

Тимските настани, фудбал, кошарка, ракомет, атлетика и одбојка за кои се потребни стадиони со најголем капацитет, се во врвот по продажба на влезници.