Што стои зад подемот на десницата во Европа
Веќе станува реалност дека десницата видно расте речиси петнаесет години, од глобалната економска криза, преку периодот на мигрантската криза и времето на пандемијата, па до актуелниот воен конфликт во Источна Европа. Експертите посочуваат дека десницата секогаш расте во услови на некои кризи во општеството, а тие во моментов се од безбедносен и од економски карактер, како и при ерозија на традиционалните универзални општествени вредности
Подготвил: Mарјан Велевски
Политичката слика на Европа полека се менува. Ако се суди според последните изборни резултати во неколку држави, тогаш е забележително „вртењето надесно“, што беше повод за голем број анализи и процени на ситуацијата.
Разбирливо, најголемо внимание предизвика победата на крајно десната партија Браќа на Италија, која е предводена од Џорџа Мелони, со освоени 26 отсто од гласовите на парламентарни избори, а нејзината десна коалиција има уверливо мнозинство во парламентот. Партијата е основана во 2012 година. Во своите процени, експертите не се воздржуваат да кажат дека Италија ќе ја добие „најдесничарската“ влада досега, по Втората светска војна.
Само две недели порано, шведските демократи постигнаа огромен успех на изборите во Шведска. Дополнително, на неодамнешните локални избори во Чешка, центристичките партии загубија голем дел од поддршката, а десните забележаа подобар резултат од претходно, иако, сепак, послаб од очекуваното. Дури и во Франција, каде што победи другата опција, добро поминаа и третопласираните десничари, кои освоија значително повеќе пратенички места во парламентот отколку на претходните избори, иако Марин Ле Пен загуби во вториот круг од претседателските избори само малку порано.
Десничарите се враќаат на традиционалните вредности, а ги избегнуваат ултрадесните позиции по кои биле идентификувани
Српскиот професор Зоран Стоиљковиќ го коментира овој тренд на политичката сцена на Европа. Тој вели дека во време на зголемена поларизација, која носи несигурност и страв и во која се зголемуваат и надворешните политички тензии, десничарските политички сили се снаоѓаат подобро, избегнувајќи ги и целосно игнорирајќи ги ултрадесните тенденции, по кои беа познати. Напротив, десничарите сега во политичко-програмските понуди исклучително се залагаат за традиционални вредности како семејство, универзални вредности на религијата, заедништво на нацијата, патриотизам, а не национализам или шовинизам.
– Тоа е процес што оди во некакви параболи. Расте, па кога има релаксација на односите, нивното влијание се намалува, а потоа во ситуации на зголемена несигурност и има пад на традиционалните вредности на општествата, губење на стандардите, тие повторно растат. Тоа е нешто што потоа води кон раст на чувството на суверенитет, свртување кон семејните вредности, кон националниот супстрат и националната држава и води кон критика на однадвор наметнати новокомпонирани стандарди на глобализација, кои се наметнати за профитирање на мал број касти – посочува Стојиљковиќ.
Оттука и поголемиот отпор на центрите во Брисел кон десно. На пример, Италија доби сериозни предупредувања од Урсула фон дер Лејен. Ваквата ситуација ја коментира Бојан Клачар, извршен директор на Цезид.
– Стравот од Брисел и оддалеченоста што сега се појавува во однос на Италија, а порано и на некои други земји. Дали ваквите партии или движења ќе поттикнат некои процеси на распаѓање, дали ќе ја доведат во прашање ЕУ? Второ, во ситуација кога веќе има земји како Унгарија и Полска, каде што десницата е многу силна и кои често се во клинч со Брисел, не им треба уште една потенцијално слична „главоболка“. Истовремено, Италија е трета економија на ЕУ и е исклучително важна во инфраструктурата на ЕУ – вели Клачар.
Глобализмот измутира во неоколонијализам, деспотизам и хегемонија
Веќе станува реалност дека десницата видно расте речиси петнаесет години, од глобалната економска криза, преку периодот на мигрантската криза и времето на пандемијата, па до актуелниот воен конфликт во Источна Европа. И Клачар посочува дека растот на десницата некако се поклопува во услови на некои кризи во општеството, а тие во моментов се од безбедносен и од економски карактер.
– За жал, и двете ќе продолжат, а на тоа, веројатно, ќе се додаде и енергетската криза – додава тој и забележува дека цикличниот раст на десницата е резултат и на тоа што има не толку мал процент на луѓе што не се задоволни од резултатите на либералните демократии. Во таа смисла, последниве се наметнаа како менаџери на глобализмот и наместо слобода на движење и размена на капитал, стока и човечки ресурси, тие наметнуваат исклучиво свои принципи и стандарди на сметка на послабите и помалку моќни и помалобројни држави и нации, мутирајќи ги методите во неоколонијализам и хегемонија. Всушност, се создаде таа наднационална елита заснована на глобализмот, која не само што сака да ја одржува неостварливата светска хегемонија туку сака на сите да им го наметне тоталитарниот глобалистички поредок на постхуманизмот, кој му се заканува на цел свет.
Ерата на недостиг од вредности го условува процесот на трансформација
Посочувајќи дека процесот што резултира со изборите во Италија не „падна од небо“, туку траеше со години, а можеби и со децении, д-р Невен Цветичанин, виш научен соработник на Институтот за општествени науки, вели дека тоа е резултат на колапсот на таканаречениот политички мејнстрим (либералната социјалдемократија и либералниот конзерватизам).
Тој додава дека ерата на недостиг од вредности го условува процесот на трансформација на глобалните елити на кој во моментов сме сведоци.
– Глобалниот либерален капитализам не само што има потреба од конфликти за да се трансформира, како оној во Украина, туку и треба да се расчисти! Тоа е процес на потрага по некои нови лидери што можат да одговорат на предизвиците на времето и не се сомневам дека за неколку години ќе имаме голем број нови лидери во Европа и во светот како Џорџа Мелони, која не беше толку позната до вчера – вели Цветичанин.
Клачар, пак, оценува дека амбиентот во кој ќе се најде Европа најмалку во следната година и половина ќе биде криза и дека таа, секако, ќе придонесе за стабилизација на десницата. Како што вели, не би бил изненаден ако таа и порасне.
Затоа што веќе со актуелните случувања е ставена точка на либералистичката експанзија кон помалку развиените држави, кон традиционалните вредности и оригинални култури, обиди да се поткопаат меѓународните и интегративните процеси надвор од нивна контрола, новите светски валути и центри на технолошки развој…