Народен правобранител изрази длабока загриженост поради информациите за сериозен случај на врсничко насилство, во кој група ученици малтретирале нивна соученичка, нанесувајќи ѝ физичко и психичко страдање, понижување и деградирачки третман.
Како што пренесе „Вечер плус“ ученичка од шесто одделение од скопско основно училиште која била физички малтретирана од три повозрасни девојчиња. Инцидентот се случил среде бел ден, во паркот во близина на старото вовче, кое е симбол на Општината и е на само неколку метри од полициската станица. Според информациите, девојчето било донесено насила, по што следувало монструозно насилство, кое ја надминува детската расправија. Девојчето било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и присилувано да јаде измет од куче. Дел од бруталниот чин бил снимен со мобилен телефон. По преживеаниот стрес, детето завршило за лекарска и психијатриска помош. Причината за нападот, според првичните информации, била комуникација преку социјалната мрежа „Инстаграм“.
Од институцијата оценуваат дека станува збор за тежок облик на повреда на правата и достоинството на детето, што укажува на сериозни слабости во системот за превенција и заштита од насилство во училиштата.
Иако, според достапните информации, надлежните институции веќе презеле одредени мерки, Народниот правобранител предупредува дека формалното постапување не е доволно.
– Неопходна е целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и утврдување на сите околности и евентуални пропусти во постапувањето – се наведува во соопштението.
Посебен акцент се става на спречување на секундарна виктимизација, преку внимателен и стручен пристап, избегнување на повеќекратни сослушувања и целосна заштита на приватноста и достоинството на детето.
Институцијата отвори предмет по сопствена иницијатива и ќе побара детални информации од училиштето и од другите надлежни органи – дали биле преземени сите мерки за превенција, дали постоеле претходни сигнали за насилство и како било постапено по нив, како и каква поддршка ѝ се обезбедува на жртвата.
Воедно, Народниот правобранител апелира на поголема одговорност кај родителите, нагласувајќи дека нивната улога е клучна во спречувањето на насилното однесување.
Се потенцира и значењето на центрите за социјална работа, кои треба да постапуваат проактивно и координирано, преку поддршка на семејствата и работа со деца во ризик.
– Заштитата на децата мора да биде сеопфатна и континуирана, заснована на заедничка одговорност на сите чинители во општеството – се наведува во соопштението.
Од институцијата апелираат надлежните да постапуваат со највисок степен на итност, истакнувајќи дека безбедноста на децата не смее да остане само на формално ниво, туку мора да значи реална и ефективна заштита.
Народниот правобранител најави дека ќе продолжи да го следи случајот и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошните активности.



































