Учество на Македонија на UNECE Resource Management Week 2026 ја потврдува позицијата на државата како сигурен партнер во глобалните енергетски текови, со активна улога во креирањето политики за одржлив развој и енергетска транзиција, соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во рамки на настанот, министерката Сања Божиновска учествувала на панел посветен на социјалните аспекти на одржливото управување со ресурси, каде испратила пораки за праведна и инклузивна енергетска трансформација.
Таа нагласила дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку општествена промена која мора да се темели на еднаквост, инклузија и меѓугенерациска одговорност.
– Кога зборуваме за енергетска транзиција, зборуваме за луѓе, за можности и за праведност. Жените и младите не се само учесници, туку двигатели на овие процеси – истакнала Божиновска.
Посебен акцент ставила на потребата од поголема вклученост на жените и младите во енергетскиот сектор, оценувајќи дека нивното учество придонесува за поиновативна и поотпорна индустрија.
Министерката се осврнала и на концептот на меѓугенерациска правда, посочувајќи дека денешните политики треба да обезбедат одржливо користење на ресурсите и подобри услови за идните генерации.
Воедно, таа информирала дека Министерството веќе соработува со универзитети и млади професионалци преку различни програми, со цел градење кадар кој ќе ја води идната енергетска трансформација.
Божиновска потенцирала дека енергетската транзиција бара силна меѓународна соработка, бидејќи ниту една држава не може самостојно да се справи со глобалните предизвици.
– Одржливоста не е крајна цел, туку континуиран процес кој бара визија, партнерство и одговорност – порача таа.
Од Министерството додаваат дека со ова учество државата ја потврдува својата посветеност на развој на обновливи извори, интеграција во меѓународните енергетски текови и унапредување на одржливото управување со ресурси.

































