Од самиот почеток Русија тврдеше дека Украина стои зад нападот со дронови врз Кремљ на почетокот на овој месец, изјави денеска Дмитриј Песков, прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин.
Песков ја даде оваа изјава откако Њујорк Тајмс објави дека, според американските разузнавачки служби, нападот најверојатно го извршиле украински специјални воени единици или разузнавачки единици. Според весникот, американските разузнавачки агенции не знаат точно кој го извршил нападот со беспилотно летало врз Кремљ, но укажуваат дека тој би можел да биде дел од серијата тајни акции со кои управуваат тајните служби на Украина, пишува „Њујорк Тајмс“.
Според американски претставници, цитирани од весникот, нападот со два дрона „веројатно бил организиран од една од украинските специјални воени или разузнавачки единици“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во тоа време негираше дека Украина е одговорна за нападот.
– Веднаш кажавме дека режимот во Киев стои зад ова. На крајот, не е важно кои делови од режимот во Киев го направиле тоа – изјави Песков за новинарите.