Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јули 2023 година веројатно ќе биде најтоплиот месец во последните стотици, ако не и илјадници години, изјавија научници на НАСА на тркалезната маса со новинари, предупредувајќи дека топлината само ќе се влошува.

– Гледаме невидени промени ширум светот. Топлотните бранови што ги гледаме во САД, Европа, Кина и уривањето на температурните рекорди… Не е изненадување – рече Гевин Шмит, директор на Годард Институтот за вселенски студии на НАСА.

Јуни 2023 година веќе беше најтоплиот јуни досега, а јули најверојатно ќе биде најтоплиот месец во целина.

– Од науката знаеме дека човековата активност, првенствено емисиите на стакленички гасови, недвосмислено го предизвикува затоплувањето што го гледаме на нашата планета – рече Кејт Калвин, главен научник и виш советник за климата во НАСА.

Научниците на НАСА појаснија дека податоците собрани и анализирани од Институтот Годард веќе укажуваат на тоа.

-Има децениско зголемување на температурите во последните четири децении – рече Шмит.

Американската вселенска агенција последен пат забележа таков пораст на температурите во јули и август 2016 година поради супер Ел Нињо во текот на зимата 2015 и 2016 година. Но, овој пат тоа не е уште еден настан сличен на Ел Нињо. Топлотните бранови кои моментално се гледаат се резултат на целокупното затоплување ширум светот, особено во океаните.

– Сведоци сме на рекордни температури на површината на морето, дури и надвор од тропските предели, веќе многу месеци. Ќе предвидиме дека тоа ќе продолжи, а причината зошто мислиме дека ќе продолжи е затоа што продолжуваме да ослободуваме стакленички гасови во атмосферата – рече Шмит.

– Шансите се 50-50 2023 година да биде најтоплата година досега. Но, 2024 ќе ја надмине. Следната година ќе биде уште потопла поради порастот на Ел Нињо – рече Калвин.

Други научници на НАСА веруваат дека има 80 проценти шанси 2023 година да биде најтоплата година.