Ормускиот теснец ќе остане затворен за сообраќај сè додека Соединетите Американски Држави не ги исполнат условите од привремениот договор постигнат со Иран во јуни, порача главниот ирански преговарач Мохамад Бакер Калибаф пред иранскиот парламент.
Како што пренесоа „Џерусалим пост“ и „Турција денес“, според Калибаф, Техеран бара целосно укинување на американската блокада на иранските пристаништа, укинување на санкциите поврзани со извозот на иранска нафта, деблокирање на замрзнатите ирански средства, како и итен прекин на сите закани и воени операции.
Меморандумот за разбирање беше потпишан на 17 јуни со рок од 60 дена и можност за продолжување. Неговата цел беше да создаде услови за пошироки преговори за иранската нуклеарна програма и другите спорни прашања меѓу двете земји.
Но, договорот набрзо се најде во ќор-сокак поради несогласувањата околу контролата и режимот на пловидба низ Ормускиот теснец – една од најважните поморски рути за глобалното снабдување со енергенси.
Пред ескалацијата на конфликтот, низ теснецот минувала речиси една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас, што го прави неговото затворање потенцијално значаен удар врз глобалните енергетски пазари.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 7 јули изјави дека договорот со Иран е завршен, додека иранското Министерство за надворешни работи една недела подоцна официјално го прогласи меморандумот за суспендиран.
Во меѓувреме, тензиите продолжуваат да растат. Висок ирански функционер вчера предупреди дека Иран би можел да премине кон „целосно офанзивни дејствија“, поради застојот во дипломатските напори за прекин на конфликтот.
Затворањето на Ормускиот теснец отвора ризик од нова ескалација со потенцијални последици не само за регионот, туку и за глобалното снабдување со нафта и гас.




































