Фото: Фејсбук/Виктор Орбан

Говорејќи на конгресот на партијата Фидеш, унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека тој и неговата влада ќе се спротивстават на разговорите во ЕУ во средината на декември, за тоа дали Киев треба официјално да ги започне преговорите за пристапување во европскиот блок.

За прием на нова земја во ЕУ потребна е согласност од сите членки на Унијата, а Орбан може да стави вето, пренесе АП. На партискиот конгрес во Будимпешта во саботата, Орбан беше реизбран за претседател на Фидеш по 11-ти пат од 2003 година.

Тој рече дека еден од приоритетите на неговата нова влада ќе биде да го запре патот на Украина кон ЕУ.

– Нашата задача е да го исправиме погрешното ветување, дека преговорите со Украина ќе започнат, бидејќи Киев сега е светлосни години оддалечен од ЕУ – рече Орбан.

На почетокот на овој месец, Европската комисија предложи почеток на пристапните преговори со Украина, велејќи дека владата во Киев „покажа исклучително ниво на институционална сила, решителност и способност да функционира“.

Орбан посочува дека преговорите не можат да започнат со земја која е во војна и дека членството на Украина ќе го промени системот на распределба на средствата за земјите-членки на ЕУ.