Рефлексии по средбата на турскиот и рускиот претседател во врска со олеснувањето на прехранбената криза и проблемот со украинското жито
Подготвил: Mарјан Велевски
Средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган во црноморското одморалиште Сочи предизвика голем интерес во светската јавност, особено по изјавата на Ердоган пред новинарите дека „набрзо ќе биде можно да оживее спогодбата за житото“!
И Обединетите нации (ОН) тврдат дека помогнале во олеснувањето на прехранбената криза, овозможувајќи му на украинското жито да дојде до пазарот.
По суспензијата на договорот со жито од страна на Русија
Како што е познато, проблемот настана во јули, кога Русија го суспендира договорот – една година откако беше постигнат со посредство на ОН и на Турција – тврдејќи дека нејзините прехранбени производи и ѓубривото наидуваат на сериозни пречки при извозот.
Токму Ердоган, кој претходно играше значајна улога во убедувањето на Путин да се придржува кон договорот, како и ОН, беше еден од најгласните во обидот да го убедат Путин повторно да се вклучи Русија.
– Турција верува дека набрзо ќе постигнеме решение што ќе ги исполни очекувањата – изјави Ердоган во Сочи.
Тој додаде дека очекувањата на Русија им се добропознати на сите и дека недостатоците треба да се отстранат и истакна дека Турција и ОН работеле на нов пакет предлози за да ги решат руските приговори.
Барањата на Москва
На средбата, рускиот претседател изјави дека „Русија може да му се врати на договорот само ако Западот престане да им го ограничува на руските земјоделски производи пристапот кон глобалните пазари“.
И покрај тоа што рускиот извоз на храната и на ѓубривата не подлежи на западните санкции воведени по почетокот на војната во Украина, а Русија минатата година извезла рекордни количества пченица, Москва и земјоделските извозници тврдат дека ограничувањата на финансиските трансакции, логистиката и на осигурувањето ги загрозиле испораките.
Рускиот претседател излезе со став дека „Западот ја ’измамил’ Русија во врска со договорот, зашто богатите земји добиваат повеќе од 70 отсто од житото извезено во рамките на спогодбата“.
На средбата Ердоган – Путин се разговарало и за енергетски прашања. Имено, во заедничка изјава било истакнато дека „првиот блок на нуклеарната централа Акују во Турција ќе биде пуштен во употреба следната година, а има изгледи за развој на соработката“. Ердоган е убеден дека Турција и Руската Федерација можат да постигнат договор за изградба на уште една нуклеарна централа во Турција. Двете земји ќе продолжат да ги развиваат односите во областа на снабдувањето со природен гас од Турција.