На двете фестивалски вечери ќе настапат 34 учесници од седум држави, а меѓу нив и од Македонија. Нашата земја ќе ја претставуваат: Никола Зацески, Огнен Здравковски, Дамјан Стоименовски и Мите Стоилков

Во гратчето Маглај во Босна и Херцеговина утре и задутре ќе се одржи 51. издание на најстариот босански фестивал за млади пејачи „Студентско лето“. На двете фестивалски вечери ќе настапат 34 учесници од седум држави, а меѓу нив и од Македонија. Нашата земја ќе ја претставуваат: Никола Зацески, Огнен Здравковски, Дамјан Стоименовски и Мите Стоилков.

Градоначалникот на Маглај, Мирсад Махмутагиќ, заедно со локалната смаоуправа континуирано го поддржува овој фестивал.

-Подготовките за Фестивалот започнаа уште во март годинава, со објавувањето на јавниот повик за учество на фестивалот. Манифестацијата „Студентско лето 2023“ официјално почна на 15 јуни со церемонија за отворање и подигање на фестивалското знаме на платото пред општинската зграда во Маглај, како и на Градина, која стои како бедем над градот, најавувајќи ги низ историјата сите значајни случувања за Маглај, па така и нашето „Студентско лето“- вели градоначалникот Махмутагиќ.

Тој додаде дека со радост ги чекаат сите гости од Австрија до Македонија, а се радува што „Студентско лето“ ќе стане член на Светската фестивалска асоцијација.

-Во деновите на одржување на фестивалот во Маглај, се очекуваат 34 учесници од седум држави од регионот, а со нив ќе бидат нивните родители, пријатели, роднини и сите оние кои заедно со нив ќе го посетат нашиот малечок град и ќе ги збогатат фестивалските вечери. Освен медиумите од БиХ и регионов, на фестивалот ќе присуствуваат и претставници на Светската фестивалска асоцијација, со која фестивалот „Студентко лето“ ќе потпише спогодба, која вклучува пристапување во оваа асоцијација-додава Махмутагиќ.

Членство во Светската фестивалска асоцијација

Пристапувањето кон Светската фестивалска асоцијација, се должи на континуираниот
квалитет на фестивалот и позитивните промени што му се случија и особено на успешната минатогодишна организација.

– За разлика од минатата година кога на фестивалските вечери беше овозможена проширена инструментација, оваа година оркестарот брои преку 25 членови, а проширени се секциите за гудачи, удирачки инструменти, перкусии како и придружните вокали. Аранжамните за сите песни ги потпишуваат проф. Амир Мухаремовиќ и прод. Амила Ефендиќ. Оркестарот и оваа година е под диригенство на проф. Амира Муаремовиќ- истакна проф. Бенјамин Хасаниќ, од фестивалскиот Одбор, задолжен за фестивалските вечери, изборот на пејачи и автор на сценариото.

На годинашниот јавен и интерен повик на фестивалот, пристигна дури 71 пријава, а прифатени се триесет и четири. Македонија има четворица претставници кои веќе градат успешни кариери во земјава и во регионот, па ова за нив ќе биде професионален тест со оглед на тоа што настапите се во живо со оркестар, но и отскочна штица за натамошен успех и напредок.

Никола Зацески од Битола, е млад пејач кој паралелно е ангажиран и во народната и во забавната музика. Сепак, на „Студентско лето“ ќе настапи во поп вечерта.

– Од досегашното мое искуство во различни музички стилови, без разлика дали станува збор за опера, традиционална или поп музика, моите подготовки секогаш ги започнувам многу рано, со детално работење врз песните. За овој фестивал, ќе настапам на вечерта на поп музика и тоа со песната „Моја драга“ од Здравко Чолиќ, мелодија која буди силни емоции во мене, а исто така, голем е предизивикот да се испее на високо вокално ниво – вели Зацески.

Огенен Здравковски, веќе добро и е познат на македонската публика преку уечествата на регионалните музички шоуа.

Песните на Тоше Проески ќе се пејат на фестивалот

-Секој фестивал има големо значење и е искуство плус за мене и за мојата кариера. Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од „Студентско лето“. Подготовките се одвиваа одлично, а песната што ќе ја испеам, таму, засега нека остане тајна – ни рече Здравковски.

И младиот пејач Дамјан Стоименовски ќе настапи во поп вечерта на фестивалот, со песна на Тоше Проески.

Учеството на овој фестивал за мене претставува еден голем предизвик. Можност да докажам што знам и умеам и уште повеќе да ја запознаам културата на Босна и Херцеговина. Исто такa очекувам да остварам многу познанства. Континуирано одам на часови по пеење, ја вежбам песната со која ќе настапам и избирам што ќе облечам. Ќе се претставам со песната „Громови на душа“ од Тоше Проески-ни откри Стоименовски.

Лани Македонија, исто така имаше четворица учесници: Јана Спировска, Иван Илиев, Кристијан Демјански и Омар Џафероски, а низ историјата на фестивалот на таа сцена настапиле и некои од нашите најголеми музички имиња како: Верица Ристевска, Никола Давидовски, Цветанка Ласкова и други.

Фото: „Студентски фестивал -Маглај“