Фото: ЕПА

Спротивставености во Унијата за иднината на е-автомобилизмот

Во интерните документи на Европската комисија може да се забележи дека постои конфликт во извршниот одбор на Европската Унија, која се однесува на законот со кој ќе се намалува емисијата на издувни гасови од новите автомобили на нула до 2035 година, како преодна цел до постигнување климатска неутралност до 2050 година

Подготвил: Mарјан Велевски

Европската комисија (ЕК) ја разгледува можноста за ублажување на барањата за неутралност на јаглеродот во врска со е-горивата, со што би се овозможила продажба на автомобилите со мотори за внатрешно согорување по 2035 година. Ваквата информација произлегува од интерните документи на ЕК, што упатува дека постои поделба во извршниот одбор на Европската Унија, која се однесува на законот со кој ќе се намалува емисијата на издувни гасови од новите автомобили на нула до 2035 година, како преодна цел до постигнување климатска неутралност до 2050 година.

Германската автомобилска индустрија со поддршка на Владата во Берлин, а против одлуката на Брисел

Новите прописи усвоени порано годинава ја забрануваат продажбата на нови автомобили со мотори на внатрешно согорување од 2035, освен ако се користат горива со кои не се емитува јаглерод диоксид. Германската автомобилска индустрија со поддршка на Владата во Берлин го поттикнуваше барањето за користењето горива со неутрален јаглерод, што доведе до застој во примената на одлуката. Застојот беше надминат во март 2023 година, кога Европската комисија постигна договор со Берлин за да може и натаму да се регистрираат нови возила со мотори на внатрешно согорување, и по 2035 година, под услов да се користат „исклучиво ЦО2 неутрални горива“.

Но во Комисијата се јави спор поврзан со дефиницијата на „ЦО2 неутрални горива“, меѓу дирекцијата за внатрешен пазар (ДГ ГРОВ) и директоратот за климатска акција (ДГ КЛИМА). Според договорот од март, комисијата се обврзала да создаде нова категорија автомобили што можат да се полнат исклучиво со синтетички горива произведени од електрична енергија, нарекувани е-горива, и да се изработи документ за да се знае како тие автомобили можат да придонесат за климатската неутралност. Во ДГ КЛИМА, стравуваат дека овој чекор ќе ги намали амбициите на ЕУ поврзани со климата. Во нацрт-предлогот, ДГ ГРОВ се повикува на дефиницијата за „обновливи извори на горива од небиолошко потекло“ (РФНБО), која е наведена во Директивата на ЕУ за обновлива енергија. Но дефиницијата на РФНБО во директивата за обновливи извори на енергија обезбедуваат само 70 отсто намалување на ЦО2 во споредба со фосилните горива.

Во Германија значајно расте бројот на новорегистрирани возила исклучиво на електричен погон, т.н. БЕВ (батерија, електрика, возила). Во јули 2023 година се регистрирани 20 отсто повеќе електрични автомобили во однос на истиот период лани. Но уделот на е-автомобилите во вкупниот број на регистрирани возила во Германија изнесува само 2,4 отсто, односно нивниот број изнесува 1,17 милион електрични возила. Германската влада сака да ја смени сликата на патиштата, на која сообраќаат мал број електрични автомобили. До крајот на 2023 година треба да има 15 милиони БЕВ-автомобили. Според предвидувањата на Центарот за автомобилски менаџмент од Бергиш-Гладбах (ЦАР), овие проекции се неостварливи!

Малобројно користење на еколошките возила во Германија

Реално, до крајот на годинава на германските патишта ќе се движат меѓу седум и осум милиони е-автомобили. Како причина за малобројното користење на еколошките возила, Фердинанд Дуденхефер, директор на ЦАР, ја наведува политиката на владејачката коалиција, односно на намалување на премијата за купување електрични автомобили. Од први септември право на екобонуси имаат само физичките лица, но не и фирмите. Од следната година ќе биде субенционирано само купувањето возила до вредност од 45.000 евра. Експертите ја критикуваат германската влада, која за разлика од другите земји во ЕУ не ги субвенционираат „микроавтомобилите“ или електричните возила што се без патници и без батерии, со максимална тежина до 450 килограми и се со максимална сила од 15 киловати.

Електричната автомобилска иднина во Германија зависи и од развојот на инфраструктурата за полнење на овие возила. До годинава биле отворени само над 92 илјади јавно достапни полнилници за е-автомобили, од нив секој петти пункт бил за брзо полнење на батериите. Но процесот на ширење на оваа мрежа се одвива бавно. Главниот фактор за масовно користење на е-возилата е ограниченоста на суровините за батерии. Тие се вадат главно во земјите надвор од Европа. Поради тоа, менаџерите во автомобилската индустрија предупредуваат на зависност од надворешни земји, пред сѐ од Кина и затоа се преиспитуваат можностите за преземање на сопственоста на уделите во рудниците во кои се вадат суровините.

За недоволното темпо за ширење на е-автомобилите виновна е и инфлацијата, затоа што потрошувачите потешко се одлучуваат за купување нов автомобил. Од 2035 во Европската Унија нема да смеат да се продаваат нови возила на дизел или бензин. Тоа е и причината зошто кинеските производители се насочени на европскиот пазар. „Дојче веле“ отворено го отвора прашањето на временската рамка „кога кинеските производители ќе почнат да отвораат фабрики на територијата на Европа“?