Фото: Пиксабеј

Обединетите нации предупредуваат дека прекините во сообраќајот низ Ормускиот Теснец можат да ја турнат светската економија во нова прехранбена криза, со сериозни последици врз цените на храната и инфлацијата.

Според Обединети нации и нивната агенција Организација за храна и земјоделство (ФАО), нарушувањата во оваа клучна поморска рута веќе го ограничуваат транспортот на нафта, гас и ѓубрива – ресурси од суштинско значење за земјоделството.

– Отчукува часовникот за глобалните прехранбени системи – предупредуваат од ОН, додавајќи дека недостигот од гориво и ѓубрива може директно да влијае врз наредната сеидбена сезона.

Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро, посочува дека размерите на проблемот се огромни.

– Околу 30-35 проценти од суровата нафта не се движат, 20 проценти од природниот гас, како и меѓу 20 и 30 проценти од ѓубривата – тоа е размерот на потенцијалното влијание – вели Тореро.

Иако привременото примирје меѓу САД и Иран накратко даде надеж дека ситуацијата ќе се стабилизира, неизвесноста останува висока. Голем број бродови се задржани во Персискиот Залив, а транспортните и осигурителните компании избегнуваат ризик поради безбедносната состојба.

Од ФАО предупредуваат дека вистинските последици допрва ќе се почувствуваат.

– Ќе го видиме вистинскиот прекин во снабдувањето во наредните денови – вели Дејвид Лаборд.

Иако глобалните цени на храната засега остануваат релативно стабилни благодарение на постојните резерви, експертите нагласуваат дека ова е само привремено. Зголемените трошоци за ѓубрива и енергија може да ги натераат земјоделците да користат помалку ресурси, што ќе доведе до пониски приноси.

Дополнителен ризик претставува и пренасочувањето на земјоделските култури кон производство на биогорива, што може дополнително да го намали снабдувањето со храна.

– Ако побарувачката расте, а понудата се намалува, цените на храната неизбежно ќе се зголемат –  предупредуваат од ФАО.

Обединетите нации апелираат до владите да избегнуваат ограничувања на извозот и да обезбедат поддршка за земјоделците и најранливите категории граѓани.

Иако кризата е концентрирана на Блискиот Исток, нејзините последици веќе се чувствуваат глобално – особено во земјите зависни од увоз на енергија и ѓубрива.

– Да избегнеме совршена бура – потребни се вистински политики и дипломатски решенија за да се спречи криза што може да се избегне – порачуваат од ОН.