Фото: Фејсбук/Доналд Трамп

Доналд Трамп помина турбулентен период за време на претседателскиот мандат во Белата куќа, а сега е под криминално обвинение од обвинителството на Менхетн, со што тој и САД повторно навлегоа на опасна неистражена територија, пишува „Фајненшл тајмс“.  Случајот претставува преседан бидејќи ниту еден американски претседател досега не бил обвинет за кривично дело, а ова веројатно нема да биде ниту последното обвинение со кое се соочува Трамп, како што наведува „Економист“.

Големата порота на Менхетен синоќа покрена обвинение против поранешниот Трамп за исплата на кампањски средства на порноактерката Сторми Дениелс за да премолчи дека имала односи со него. Веста за покренатото обвинение ја потресе нацијата што уште се справува со хаосот на Трамп од обвинувањата за руско мешање во американските претседателски избори, два импичмента и одбивањето за мирно предавање на функцијата, што резултираше со упад во Конгресот.

Американските политичари преку Твитер реагираа со две спротивставени тврдења, во зависност на чија страна се. Едни тврдат дека обвинението против Трамп претставува пример за дочекана правда, а други оти е доказ за користење на исполитизираниот правен систем за прогон на еден човек.

– Ова е политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво во историјата. Дури и пред да стапам на претседателската функција, радикалните леви демократи, непријателите на работните мажи и жени на оваа држава, се впуштија во лов на вештерки – соопшти Трамп откако адвокатите го информираа за обвинението.

Сенаторот од Јужна Каролина и сојузник на Трамп, Линдзи Греам, во изјава за „Фокс њуз“ предупреди дека обвинението ќе ја „уништи Америка“, како и дека е „отворена Пандорина кутија против самото претседателство“.

Политичките аналитичари шпекулираат како обвиненијата ќе влијаат врз поврзаноста на Трамп со републиканските гласачи, додека историчарите го спомнуваат поранешниот претседател Ричард Никсон кој се соочи со скандалот Вотергејт, кога дискутираат што значи обвинението за самата претседателска функција.

Се очекуваат тензии и околу евентуалното предавање на Трамп на властите во Њујорк, кое би можело да се случи во вторник. Веќе има засилено полициско обезбедување во градот откако Трамп јавно зборуваше за можноста да биде уапсен и побара од неговите поддржувачи да излезат на протест, што поттикна стравување дека би можеле да се повторат настаните од 6 јануари 2021 година и упадот во Конгресот.

За друг политичар, ваквиот развој на настаните би означил крај на политичката кариера, но во случајот на Трамп, прашање е до кој степен обвинението ќе послужи како гориво за движењето кое беше во застој. Ако Трамп биде кривично гонет, тоа треба да биде за дело што не би можело да биде отфрлено и каде што законот е појасен. Случајот на обвинителството на Менхетн наликува на грешка, заклучува „Економист“.