Деветте нуклеарни сили во светот во текот на 2025 година значително ги зголемиле инвестициите во своите нуклеарни арсенали, покажува најновиот извештај на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје ИКАН (International Campaign to Abolish Nuclear Weapons).
Според организацијата, вкупните трошоци за нуклеарно оружје минатата година достигнале 119 милијарди долари, што претставува раст од 19 проценти во споредба со претходната година. Тоа значи дека во просек за нуклеарно вооружување се трошеле околу 3.768 долари секоја секунда.
Најголем дел од средствата ги потрошиле САД, кои за својата нуклеарна програма издвоиле 69,2 милијарди долари – повеќе од сите останати осум нуклеарни сили заедно. Следуваат Кина со 13,5 милијарди долари, Велика Британија со 12,6 милијарди и Русија со 9,5 милијарди долари.
Извештајот покажува дека Русија и понатаму располага со најголем нуклеарен арсенал во светот, со 5.420 боеви глави. По неа се САД со 5.042, Кина со 620, Франција со 300, Велика Британија со 225, Индија со 190, Пакистан со 170, Израел со 90 и Северна Кореа со 60 нуклеарни боеви глави.
Од ИКАН предупредуваат дека средствата вложени во нуклеарно вооружување можеле да бидат искористени за решавање на глобални хуманитарни проблеми. Според нивните пресметки, сумата потрошена за само еден ден нуклеарно вооружување би можела да обезбеди храна за два милиони луѓе, додека трошоците за последните три години би биле доволни за значително намалување, па дури и искоренување на гладот во светот.
ИКАН беше една од клучните организации зад Договорот за забрана на нуклеарно оружје, кој стапи во сила во 2021 година. За своите напори во борбата против нуклеарното оружје, организацијата ја доби Нобеловата награда за мир во 2017 година.

































