Русија, ЕУ и САД се поврзани со експерименталниот проект за нуклеарна фузија ИТЕР. Тоа е исклучително важен научен проект во обид да се искористи моќта на нуклеарната фузија за ослободување огромни количества чиста енергија. И покрај сите конфликти и недоразбирања меѓу САД и ЕУ од една страна и Русија од друга страна, сите заедно продолжуваат да работат и творат во интерес на човештвото и планетата. Зарем овој проект не фрла нова светлина на оптимизам за просперитет, развој и благосостојба на целиот човечки род? Реалност или утопија?
Единствената меѓусебна релација што може да ги зближи Западот и Русија како никогаш во историјата
Руската воена операција во Украина ги распадна врските на Москва со ЕУ и САД за сè, од енергија, преку трговија, па до туристички патувања – но има едно партнерство од кое не можат да избегаат.
Скриен во тивок агол натопен од сонце во јужна Франција, Меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор (ИТЕР) – обид да се искористи моќта на нуклеарната фузија за ослободување огромни количества чиста енергија – продолжува да твори заедно со учество на руски научници и руска технологија.
Претходно овој месец научниците од ИТЕР го поздравија големиот напредок објавен од Националната постројка за палење (НИФ) во националната лабораторија „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија, кога беше соопштено дека надминала голема бариера – произведувајќи повеќе енергија од експеримент со фузија отколку што беше ставена, за што веќе пишуваше и „Нова Македонија“.
Меѓународниот реактор ИТЕР, составен од 35 научници, беше создаден на средбата на американскиот претседател Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов во 1985 година, по децениски тензии во Студената војна. Она што е специфично за него е фактот дека нема начин да се исфрли Русија од експериментот без да се торпедира целата шема.
Проектот вреден 44 милијарди евра има цел да ја тестира нуклеарната фузија – процес што се случува во центарот на ѕвездите – како остварлив извор на енергија без јаглерод, која е минимално радиоактивна. Со вшприцување топла плазма, која достигнува 150 милиони Целзиусови степени во уред и ограничување со магнетни полиња, јадрата на водородот се спојуваат во јадрото на хелиум и дополнителни неутрони, ослободувајќи огромни количества енергија.
ЕУ покрива околу половина од трошоците на ИТЕР и управува со своето учество преку агенцијата на Унијата, наречена „Фјужн 4 Јуроп“ (Ф4Е) со седиште во Барселона; Индија, Јапонија, Кина, Русија, Јужна Кореја и САД имаат по околу 9 отсто удел. Како активен учесник во ИТЕР, Русија сè уште има околу 50 вработени, вклучувајќи и инженери, кои работат на самото место.
Веднаш откако Москва ја започна својата воена операција во Украина во февруари, проектот беше ставен во тесно, особено затоа што претставниците на руската влада се дел од одборот за одлучување на високо ниво, Советот на ИТЕР, заедно со нивните европски и американски колеги.
– Тешко е да се воспостави рамнотежа помеѓу осуда на еден член и соочување со последиците за проектот – рече офицерката за комуникација на ИТЕР, Сабина Грифит, која додава дека првично имало интензивни дискусии за тоа како да се одговори. Персоналот дури и накратко разговараше за ставање транспарент на веб-страницата на проектот со кој се осудува војната, пред да се откаже од идејата.
Дури и ако „самата организација е аполитична… многу луѓе се прашуваа“ што да прават по почетокот на инвазијата, според главниот инженер на ИТЕР Ален Бекуле, кој додаде дека има „многу тага“ меѓу персоналот.
– Политичката ситуација досега е стабилна, со сите членки…, кои изјавуваат дека сакаат да продолжат да работат заедно – рече тој, додавајќи дека првиот состанок на Советот на ИТЕР по инвазијата во јуни бил „многу конструктивен“.
Членовите на Советот на ИТЕР повторно „ја потврдија својата силна верба во вредноста на мисијата ИТЕР“ кога се состанаа на местото на нивниот последен собир во октомври.
Експериментот, кој досега ги надмина и буџетот и роковите, веќе имаше свој дел од контроверзии. Француската управа за нуклеарна безбедност во јануари го суспендира склопувањето на реакторот за фузија поради загриженост за безбедноста. Ф4Е е погодена од обвинувања за работење под висок притисок и прекумерна работа, што критичарите ја поврзуваат со барем едно самоубиство.
– За разлика од лабораторијата за физика на честички ЦЕРН со седиште во Женева , заеднички истражувачки центар што ги прекина своите врски со Русија по почетокот на војната, ИТЕР е меѓународен договор како ООН, што го отежнува суспендирањето на Москва – рече Бекуле.
Тоа е затоа што до 90 проценти од финансирањето не доаѓа во форма на готовина, туку во „натура“ придонеси на опрема, при што секоја земја учеснички произведува единствено нарачана парче од целокупниот реактор, што потоа се составува како џиновска сложувалка.
Иако поставувањето беше дизајнирано да создаде специјализирана експертиза за фузија во светот и да го стимулира домашното производство, тоа сега значи дека ако еден член не испорача дел, целиот проект може да пропадне, трошејќи милијарди. Дури и да сакаат, земјите не би можеле формално да ја исфрлат Русија од проектот, бидејќи не постои клаузула во уставот на ИТЕР што би им го дозволувала тоа – наместо тоа, секоја друга земја ќе мора да се повлече. Но тоа не значи дека проектот не бил под влијание на руската војна. Бекуле сликовито објаснува дека, како прво, западните санкции и контрасанкциите на Москва направија своевидно минско поле за набавка на делови од руско производство.
– Излегува дека 2022 година е една многу важна година во однос на руските испораки за проектот, при што Москва произведува клучни делови, вклучувајќи собирници – алуминиумски прачки што го напојуваат реакторот со огромна електрична струја – и 200 тонски магнет во облик на прстен, што ја обликува плазмата и ја држи суспендирана во реакторот, наречен калем на полоидално поле – вели тој.
Транспортот на контејнерите се одвиваше со камиони-шлепери преку многубројните серпентини, кои се наоѓаат на патот од Санкт Петербург до Марсеј, бидејќи транспортот со брод бараше „повеќе документи, повеќе оправдување да им објасниме на различните европски земји дека не, ние не подлежиме на санкции – затоа што имаме отстапувања“, како што објаснува Бекуле.
– Болниот“ процес ги одложи испораките до два месеца – додаде тој.
Сето тоа го исправи рускиот персонал пред голема неизвесност, вклучувајќи го и инженерот за монтажа Владимир Тронза, роден во Москва, кој работи на самото место од 2016 година.
– На почетокот сите мислеа што ќе се случи. Дали да бараме друга работа? Дали треба да се спакуваме и да се вратиме – се потсетува тој, додавајќи дека членовите на рускиот персонал првично биле загрижени дека Москва ќе излезе од проектот.
Но Тронза рече дека не слушнал оти рускиот персонал треба да си оди дома, додавајќи дека „мнозинството не е заинтересирано да се врати“, со оглед на тоа што многумина се населиле во југоисточна Франција.
– Соработката е важна, важно е да се задржат врските и… да се разговара – вели тој, додавајќи дека проектот е „глобално добро“.
И навистина, во едни вакви геополитички релации како што се актуелните, примерот со ИТЕР е уникатен, веројатно единствената меѓусебна релација што Западот и Русија може да ги зближи како никогаш во историјата. И покрај сите конфликти и недоразбирања меѓу САД и ЕУ од една страна и Русија од друга страна, сите заедно продолжуваат да работат и творат во интерес на човештвото и планетата. Здружени во проект што фрла нова светлина на оптимизам за просперитет, развој и благосостојба на целиот човечки род.
Подготвил: Mарјан Велевски