Фото: Пиксабеј

Уште еден скандинавски пример за национален интерес кренат на пиедестал над бриселските политики

  • Европската Унија моментно забранува ново дупчење во Арктикот од еколошки причини, но размислува за ревидирање на својата политика како одговор на загриженоста за енергетската безбедност. Меѓутоа, скандинавската држава Норвешка ќе ги развива арктичките нафтени и гасни ресурси и покрај мораториумот на ЕУ. Норвешкиот министер за енергетика Асланд верува дека аргументите на Норвешка се слушаат во Брисел, но додаде дека суверено право на земјата е да ги развива ресурсите на Баренцово Море, дури и ако ЕУ продолжи да поддржува мораториум

Норвешка ќе продолжи да ги развива своите нафтени и гасни ресурси во Баренцово Море без оглед на поддршката на Европската Унија за мораториум за снабдување со јаглеводороди од Арктикот, давајќи ѝ предност на сопствената енергетска безбедност во однос на определбите на европскиот блок, заради остварување на националните интереси.
– Во денешната геополитичка и безбедносна средина, и со оглед на ситуацијата со ресурсите, верувам дека континуираната активност во Баренцово Море им служи и на норвешките и на европските интереси – рече неодамна министерот за енергетика Терје Асланд, оправдувајќи ја суверенистичката политика на Норвешка, во интервју за „Ројтерс“.

Европската Унија моментно ја поддржува забраната за ново дупчење во Арктикот од еколошки причини, но размислува за ревидирање на својата политика како одговор на загриженоста за енергетската безбедност. Асланд верува дека аргументите на Норвешка се слушаат во Брисел, но додаде дека суверено право на земјата е да ги развива ресурсите на Баренцово Море, дури и ако ЕУ продолжи да поддржува мораториум.

Изјавите на Асланд покажуваат дека Норвешка ги занемарува големите иницијативи на ЕУ во областа на обновливата енергија и проширувањето на мрежата за намалување на зависноста на блокот од фосилни горива, сметаат еколошките активисти.

Остра порака од Осло до Брисел: Во спорот единствено ќе страда европската безбедност

Норвешките енергетски компании порачаа дека продолжуваат со дополнителни дупчења, надевајќи се дека ќе направат големи нови откритија. Извршниот директор на најголемата нафтена компанија во Норвешка „Еквинор“, Андерс Опедал, истакна дека нафтата и течниот природен гас (ЛНГ) од Баренцово Море можат да се испорачуваат насекаде во светот доколку бидат одбиени од ЕУ. Арктичката нафта би се продавала на глобалните пазари, додека гасот би можел да се извезува низ целиот свет како течен природен гас од фабриката за течен природен гас „Еквинор“. Опедал упати предупредување до ЕУ доколку продолжи да инсистира на ограничување на снабдувањето со енергенти.
– Единственото нешто што ќе страда од ваквата ситуација всушност е европската безбедност. Ние имаме флексибилност – изјави Опедал за „Ројтерс“ на маргините на конференцијата на ОНС.

Во разговорите со претставници на ЕУ, Норвешка тврди дека деловите од Баренцово Море отворени за нафтена активност се исто така без мраз како во Северно Море, па затоа се помалку склони кон излевање на нафтата и други влијанија врз животната средина, и помагаат да се одржат работните места и населбите во северните региони на земјата што се граничат со Русија.

Асланд рече дека Норвешка има цел да ги одржи производството и извозот на нафта на приближно сегашните нивоа барем до 2035 година, а производството на Баренцово Море ќе биде клучно.
– Ако Норвешка сака да остане долгорочен снабдувач на нафта и гас за Европа… тогаш Арктикот мора да биде дел од таа дискусија. Ние би ги развивале овие области, а потоа од ЕУ ќе зависи дали треба да има мораториум за купување на тој гас или нафта – рече министерот за енергетика.

Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, исто така, ја повика ЕУ да го преиспита своето противење на новите развојни проекти за нафта и гас во Арктикот, тврдејќи дека идните резерви ќе бидат потребни за поддршка на енергетската безбедност.

Минатата година, производството на гас во Норвешка беше близу рекордни нивоа, додека производството на нафта достигна највисоко ниво од 2009 година. Сепак, официјалните прогнози покажуваат дека производството нагло ќе опаѓа по 2030 година, доколку не се откријат и не се развијат нови ресурси.

Покрај нафтата и гасот, Норвешка произведува вишок обновлива енергија од широка мрежа на резервоари и водни патишта што ги напојуваат хидроцентралите, кои ги извезува во Европа преку прекугранични енергетски кабли. Р.С.


Норвешка веќе не е „зелената батерија“ на Европа

Норвешка веќе не се гледа себеси како „зелена батерија“ на Европа, изјави Асланд. Министерот вели дека оваа идеја сега е застарена бидејќи Норвешка сама не може да го балансира европскиот пазар на енергија.
– Тоа беше погрешна идеја – рече Асланд.

Идејата помогна во поттикнувањето на изградбата на нови енергетски интерконекции, вклучувајќи врски со Велика Британија и Германија, но предизвика одреден отпор во Норвешка бидејќи европските цени на електричната енергија ескалираа.

Норвешка стана најголем снабдувач на природен гас во Европа, задоволувајќи околу 30 отсто од побарувачката за гас и на Европската Унија и на Велика Британија, по избивањето на војната во Украина во 2022 година.

Норвешкиот министер ги повика земјите на Стариот Континент да го зајакнат своето стабилно снабдување со електрична енергија, ослабено од затворањето на централи на јаглен и нуклеарни централи и недостигот од инвестиции во ново производство на гас. Според него, ќе се намалат цените и ќе се изгради поголем реципроцитет кога станува збор за протокот на електрична енергија меѓу различните земји. Р.С.