Аналитичарите на НАТО, како што објавува британски Би-би-си, посочуваат дека веројатно не треба да се очекуваат „решителни операции“ во текот на зимата, но сметаат дека тоа сепак не е „ќор-сокак“, бидејќи двете страни не престануваат со напади што произведуваат мали, но сепак некакви, резултати. Украинскиот воен аналитичар Серхи Морфинов изјави дека целта на позициската војна е да го исцрпи противникот и постојано да го принудува да ги репозиционира своите трупи и да ја пополни резервата. Тој го споредува тоа со боксерски меч, велејќи дека „во моментов не е можен нокаут, но можно е да се исцрпи противникот и да се победи на поени. Ниту една страна нема способност да реши сѐ со еден удар, односно нокаут, но со серија нокдауни веќе може да се стори нешто“
На украинскиот фронт – статус кво
Тешка зима пристигна на истокот и југот на Украина. Покрај бавното продолжување на воените операции, деновиве и брегот на Црно Море од Одеса до Сочи беше зафатен од снежно невреме и поплави, кои оставија поголем дел од областа без вода, струја и греење. Тоа особено се однесува на полуостровот Крим, каде што со денови нема струја, а без вода се и делови од полуостровот.
Нема да има „решителни операции“ во текот на зимата од двете завојувани страни
По повеќе или помалку неуспешната украинска контраофанзива пролетоска и летоска, сега се води т.н. позициска војна. Ниту Украина ниту Русија во моментов немаат доволно сили за успешен напад и се вкопуваат во пресрет на пролетта, кога е можен нов обид за украински контранапад, особено во јужниот правец, односно за спроведување на „Планот за избивање (на украинските сили) на Азовско Море“. Според западните воени аналитичари, дека „иако се смета дека контранападот не ги даде посакуваните резултати, сепак беа постигнати одредени успеси, како што е преминувањето на левиот брег на Днепар, што е добра основа за подготовка на нова пролетна офанзива во 2024 година“. Дополнително, западните воени аналитичари издвојуваат дека украинските вооружени сили со офанзивата „се приближиле до стратегиски важниот град Токмак, кој е оддалечен околу 15 километри, а чие ослободување ќе го отвори патот кон Мелитопол како клучна точка за избивање на пристаништето Берџанск, односно на брегот на Азовско Море.
Меѓутоа, командантот на украинската армија Валериј Залужни вели дека војната се претворила во позициска, дури дека е и во ќор-сокак. Залужни изјави за британски „Економист“ дека таквата ситуација „повеќе ѝ оди на рака на Русија“ бидејќи ѝ овозможува да го обнови својот воен потенцијал (во тек е нов руски бран на мобилизација) и да изгради нови одбранбени и фортификациски утврдувања. Аналитичарите на НАТО, како што објавува британски Би-би-си, посочуваат дека веројатно не треба да се очекуваат „решителни операции“ во текот на зимата, но сметаат дека тоа сепак не е „ќор-сокак“, бидејќи двете страни не престануваат со напади, кои произведуваат мали, но сепак некакви, резултати. Украинскиот воен аналитичар Серхи Морфинов изјави за Би-би-си дека во моментов повеќе руски војници се ангажирани во копање ровови и градење одбранбени утврдувања пред Мелитопол – но, интересно, и зад него, кон Бердјанск – отколку што има на линијата на фронтот. Морфинов наведува дека целта на позициската војна е да го исцрпи противникот и постојано да го принудува да ги репозиционира своите трупи и да ја пополнува резервата. Тој го споредува тоа со боксерски меч. „Во моментов не е можен нокаут, но можно е да се исцрпи противникот и да се победи на поени. Ниту една страна нема способност да реши сѐ со еден удар, односно нокаут, но со серија нокдауни веќе може да се стори нешто“.
Која е причината што Киев стравува?
Киев стравува дека Западот, каде што има сѐ повеќе несогласувања за помошта за Украина (Виктор Орбан повторно се спротивстави) и санкциите против Русија (Словачка најави дека ќе го блокира 12-от пакет санкции), ќе „ги принуди“ на преговори со Москва, без разлика што не се знае дали Кремљ сака да преговара, односно што ќе постави Москва како услов.
Реномираниот германски медиум „Билд“ пишува дека „Вашингтон и Берлин почнале да вршат притисок врз Володимир Зеленски да ги започне преговорите и дека нивната помош за Украина ќе биде ограничена само колку Украина да ја одржи сегашната ситуација на фронтот, односно да ја замрзне ситуацијата“!
Германскиот аналитичар Јулијан Ропке, повикувајќи се на извори блиски до владата во Берлин, наведува дека Западот сака Украина да биде во „стратегиска поволна позиција“ за преговори, но тешко дека ќе успее да ги остварат сите свои желби.
„Билд“ пишува дека ЕУ и САД како услов за воена помош ќе му постават на Зеленски преговори, па дури и откажување од нова контраофанзива во пролетта 2024 година.
За потсетување, неодамна американската ТВ-станица Ен-би-си објави, повикувајќи се на извори во Белата куќа, дека разговараат со Украинците за условите и предлозите под кои Киев би се согласил да преговара со Москва за прекин на војната. Меѓутоа, воените аналитичари сметаат дека, како што пишува Би-би-си, Украина неочекувано имала поголем успех на море, каде што ѝ нанела можеби решавачки удар на руската „доминација“ над Црно Море. Имено, Русија повеќе не го контролира целосно северниот дел на Црно Море, а нападите врз седиштето на руската црноморска флота во Севастопол ги принудија Русите да пренесат дел од својата флота во Феодосија, но и во руското пристаниште Новоросијск и до база во парадржавната Абхазија, отцепена од Грузија.
Аналитичарите пишуваат за регистрирани слабости на руската армија – од главниот штаб до нискиот борбен морал на војниците
Од друга страна, се покажа дека Русите успешно го запреа украинскиот продор на југ, со месеци се обидуваат да го заземат градот Авдивка, во предградието на Донецк, а го гледаат и патот до Купјанск и можеби Лиман. Така, се повторува сценариото од Бахмут, кое руските сили (тогаш уште постојниот „Вагнер“) успеаја да го исполнат дури по цели девет месеци (!?) исцрпувачки борби. Тоа сега се повторува со Авдивка, што покажува многу слабости на руската армија – од командниот штаб до очигледно слабиот морал на војниците.
Интересно е што некои руски воени аналитичари, за кои пишуваат дури и промосковските медиуми наведуваат дека „разузнавачките податоци и сателитските снимки што Украина ги добива од НАТО се поголем проблем за Русија отколку западната помош во оружје“. Имено, Русија го зголеми своето воено производство, иако има сѐ повеќе проблеми со деловите што порано ги набавуваше на Запад, а сега ги нема или е поскапо и комплицирано да се набават преку „трети земји“.
Некои украински аналитичари, како Кирил Јаковлев, пренесено преку британски Би-би-си, сметаат дека Русите добро ја подготвиле одбраната и имаат доволно сила да ги запрат украинските напади, иако сметаат дека Русите немаат сила за некои сериозни контраофанзиви. Но, за издвојување е дека претседателот на Русија, Владимир Путин, неодамна повтори во јавноста дека „Русија не се откажува од првичните планови“ што доведоа до инвазија на Украина.
„Волстрит журнал“: Западот стравува од колапс на украинскиот фронт
Официјални лица на Европската Унија стравуваат дека позицијата на Украина во конфликтот со Русија би можела да се „расплетка“ уште оваа зима, пишува „Волстрит журнал“.
Според американскиот весник, тоа се случува поради големите загуби на киевските трупи за време на нивната контраофанзива, која беше започната на почетокот на јуни, и „нефункционалниот систем за регрутирање на војската погоден од корупција“.
Од ескалацијата на конфликтот со Украина во февруари 2022 година, западните земји активно го поддржуваат Киев со испраќање воена помош. Еден месец по почетокот на војната, земјите членки на НАТО објавија заедничка изјава во која се наведува: „На Русија ѝ се наметнати огромни санкции и тешки политички трошоци… Остануваме решени да одржиме координиран меѓународен притисок врз Русија“.
На крајот на септември, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека блокот „ќе стои на страната на Украина сѐ додека е потребно“.
Сепак, во средината на ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски се пожали дека испораките на помош од Запад се намалени. И минатата недела Зеленски за „Фокс њуз“ призна дека контраофанзивата не одела според планот.
Во извештајот на „Волстрит журнал“ се наведува дека многу замени во украинската војска се мажи на возраст од 40 години и често се испраќаат во рововите со многу малку воена обука.
Роман Костенко, секретар на парламентарната комисија за одбрана, национална безбедност и разузнавање, изјави за украинското радио НВ: „Сите знаеме дека сега имаме проблем со мобилизацијата, можеме да кажеме дека мобилизацијата не успеа“, и додаде дека ако ситуацијата не се промени, тоа ќе донесе „многу големи проблеми“
Во текот на месецов британски Би-би-си објави дека околу 20.000 мажи подобни за регрутација ја напуштиле Украина, и покрај забраната за напуштање на земјата за време на вонредната состојба што беше прогласена на почетокот на конфликтот. Уште 21.000 мажи се обиделе да побегнат, но биле фатени од властите.
Во НАТО потврдуваат дека контраофанзивата на украинските вооружени сили не била успешна
На состанокот во Брисел, министрите за надворешни работи на НАТО се согласија дека контраофанзивата на украинските вооружени сили против руските трупи била неуспешна и не ги оправдала нивните очекувања, чии резултати биле далеку под оние на кои се надевале. Тоа го потврди и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
– Пропаднаа целите и надежите поврзани со украинската контраофанзива, бидејќи од нејзиниот почеток немаше големи промени на бојното поле и немаше пробив. Многу луѓе овде го препознаа тоа. Тивко и претпазливо, но тие признаа – изјави Сијарто пред новинарите по првиот работен ден од министерската седница на Алијансата во главниот град на Белгија.
Во говорот што го пренесуваше ТВ-каналот М1, Сијарто изјави дека контраофанзивата во Украина дала значително помали резултати од очекуваните.
А во врска со членството на Украина во НАТО, министерот Сијарто изјави дека земјите членки се согласуваат дека таков развој на настаните е „незамислив“ во моментов, бидејќи би ризикувал избувнување на трета светска војна.