Фото: Принтскрин / Твитер / Јоав Галант

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши својот министер за одбрана Јоав Галант.

Овој потег доаѓа 14 месеци од војната на Блискиот Исток, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Нетанјаху рече дека се развила „криза на доверба“ меѓу него и Галант, објави „Скај Њуз“.

Тој посочи дека имало премногу „значајни празнини“ меѓу нив околу управувањето со израелските војни.

– Во екот на војна, повеќе од кога било, потребна е целосна доверба меѓу премиерот и министерот за одбрана – истакна Нетанјаху.

– За жал, иако во првите месеци од кампањата постоеше таква доверба и имаше многу плодна работа, во последните месеци таа доверба пукна меѓу мене и министерот за одбрана – изјави израелскиот премиер.

Тие двајца редовно беа во несогласувања околу справувањето со војната во Газа.

Нетанјаху го назначи министерот за надворешни работи Израел Кац за нов министер за одбрана, додека Гидеон Сар го назначи на поранешната позиција на Кац.

Одлуката дојде помалку од 24 часа откако Галант ја одобри препораката на израелската војска да испрати уште 7.000 наредби за регрутирање ултраортодоксни мажи.

Галант и Нетанајаху, чија коалиција зависи од десничарскиот блок, се во несогласување околу регрутирањето на ултраортодоксните Евреи.

Веднаш по веста за неговото отпуштање, Галант во објава на социјалната мрежа Х напиша: „Безбедноста на државата Израел била и секогаш ќе биде моја животна мисија“.

Израелските медиуми јавуваат дека семејствата на заложниците во Газа протестираат против отпуштањето на Галант.

Демонстрантите „бараат од идниот министер за одбрана да изрази експлицитна посветеност за завршување на војната и спроведување на сеопфатен договор за итно враќање на сите заложници“.