Архива / Фото: Принтскрин/Британски „Телеграф“

Милитантите на Хамас можеби го планирале својот смртоносен напад во јужен Израел повеќе од една година, покажуваат документите до кои дојде британски „Скај њуз“. Осум страници со ознака „строго доверливо“ наводно биле пронајдени на телата на загинатите борци на Хамас.

На корицата на документите стоел датумот „Октомври 2022 година“. Ова може да значи дека плановите биле поставени најмалку 12 месеци пред нападот. Документите, напишани на арапски, ги пронашле израелските војници и локалните служби за итни случаи. Тие сугерираат дека милитантите на Хамас планирале да го нападнат цивилното население и да земаат заложници.

„Скај њуз“ им ги покажа документите на експертите за Хамас кои рекоа дека е голема веројатноста оти се автентични, иако е тешко да се потврдат со потполна сигурност.

Четирите страници беа објавени на каналот за корисници на Телеграм управуван од „Саут фрст риспондерс“, волонтерска група која помага да се извлечат телата. Останатите четири страници подоцна беа пронајдени од „Скај њуз“ – сите се однесуваат на очигледен воен план да се таргетира Мефалсим, кибуц непосредно надвор од Газа.

Планот, сепак, не бил успешен бидејќи, наводно, милитантите биле потиснати од локалното обезбедување и се верува дека никој во кибуцот не бил убиен. Претпоставката дека плановите на Хамас можеби биле во напредна фаза уште во октомври минатата година, беше опишана како многу сериозен превид од страна на израелското разузнавање.

Џо Трузман, истражувачки аналитичар во Фондацијата за одбрана и демократија на „Лонг вор џурнал“, вели дека е малку веројатно дека за овој тип на операции биле потребни месеци планирање.

– Во овој напад беа вклучени повеќе вооружени организации и имаше многу подвижни делови, вклучително и обука на командоси за користење параглајдери, нешто што Хамас никогаш досега не го направил. Со овој број вклучени вооружени групи, тешко е да се објасни како израелската разузнавачка заедница го пропушти ова. Верувам Израел очекуваше сличен напад од Хезболах на северот, но не и од палестинските групи во Газа – изјави Трузман за „Скај њуз“.

Еден документ е насловен „Мисија Кибуц Мефалсим“ и ја опишува структурата на единицата, која се состои од командант и два одреди од пет лица. Исто така, сугерира дека ова е „фаза А“ од нападот. Друг документ ги опишува плановите за фаќање војници и цивили и нивно земање како заложници, а потоа преговарање за нив.

На првата страница од документот е прикажан и амблемот што го користи вооруженото крило на Хамас – Бригадите Ал Касам. Сликата е истата прикажана на другите документи на Хамас и на неговиот јавен канал на Телеграм.

Групата „Саут фрст риспондерс“ започна со објавување на собраните видео и фотографии минатата недела. Првите објави беа од страната на фестивалот Супернова во Реим, а потоа и од разни населени места.

Една од фотографиите е мапа на која е прикажана рутата што Хамас би ја поминала во близина на населбите Кисуфим и Ајн ХаШлоша. „Скај њуз“ провери и лоцираше видеоснимка на која се прикажани борци на оваа рута минатата сабота. Повеќе од 1.300 Израелци беа убиени во нападите во јужен Израел што доведе до објавување војна на Хамас.