Германското младинско движење „Gen Z regelt“ („Генерација Z презема контрола“) повика на масовни протести во 34 градови низ земјата, на кои организаторите очекуваат да учествуваат повеќе од 165.000 луѓе, јавува ДПА.
Демонстрантите протестираат против воведувањето задолжителен воен рок и растечките трошоци за живот, а истовремено бараат поголеми инвестиции во образованието, социјалната сигурност, здравството и справувањето со климатските промени.
Од движењето нагласуваат дека протестите треба да поминат мирно и категорично се оградуваат од каков било облик на насилство. На својата интернет-страница организаторите наведуваат дека на демонстрациите нема место за екстремистички групи и неуставни симболи.
Тие апелираат учесниците да не носат стаклени предмети или оружје и да избегнуваат провокации кон полицијата, пренесува германската агенција.
Во некои градови продавниците останаа затворени поради стравувањата на сопствениците од можни оштетувања и нарушување на јавниот ред. Загриженоста доаѓа по неодамнешните младински протести во Франција, кои прераснаа во насилни немири, проследени со грабежи и подметнување пожари.
Германските безбедносни служби соопштија дека засега немаат информации за конкретни повици на насилство поврзани со денешните демонстрации.
Сепак, портпаролка на Министерството за внатрешни работи предупреди дека меѓу оние кои се одѕиваат на повиците за протест има и припадници на левичарската екстремистичка сцена, како и поединечни групи поврзани со екстремизам од странско потекло.
Организаторите, пак, вчера реагираа дека постојаното потенцирање на можноста од насилство го одвлекува вниманието од суштинските проблеми поради кои се организираат протестите.
Движењето „Gen Z regelt“ е основано пред само неколку недели, а неговиот централен координативен тим брои 30 членови.
Иако преку својата интернет-страница ги промовира протестите во 34 германски градови, движењето директно ја презема одговорноста за организацијата и содржината на собирите во четири града – Келн, Берлин, Франкфурт и Минхен, пренесува ДПА.
































