Фото: ЕПА

Во Франција денеска повторно се очекуваат масовни протести, поради што властите одлучија да ги задржат безбедносните ограничувања, вклучително и полицискиот час и забраните за собирање на одредени локации. Мерките следуваат по немирите претходно овој месец, кога беа предизвикани материјални штети во неколку градови, јавува ДПА.

Поради опасноста од нови инциденти, властите во Париз забранија демонстрации во централното градско подрачје, дозволувајќи протести само во периферните делови на главниот град. Во централните зони повторно ќе биде на сила и ноќен полициски час.

Сепак, Управниот суд во Париз донесе одлука со која се дозволува одржување марш од плоштадот Бастилја до плоштадот Насион, во центарот на градот, објавија француските медиуми.

Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, најави дека властите ќе поднесат жалба на судската одлука. Тој воедно најави засилено полициско присуство на улиците, посочувајќи дека постои ризик од нарушување на јавниот ред и оштетување на имотот, особено на продавниците.

Француските власти очекуваат стотици илјади луѓе да излезат на протестите. Минатиот викенд, за одржување на јавниот ред и спречување на нови инциденти беа ангажирани 70.000 полицајци.

Протестите првично ги предводеа младите, кои со недели бараат подобри услови, кадар и опрема во училиштата. Од средината на октомври, кон нив се приклучија и други групи граѓани, кои главно го изразуваат незадоволството од високите трошоци за живот.

По сериозните немири за време на протестите на 17 октомври, полицијата минатата сабота во голема мера успеа да спречи нов бран насилство, потсетува ДПА.