Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска изјави дека е убеден оти сите прашања поврзани со предложената забрана за увоз на руска нафта ќе бидат решени до следниот состанок на Советот на 30 мај.
Тој на заедничката прес-конференција со шведската премиерка Магдалена Андерсон во Стокхолм изјави дека, иако сѐ уште е убеден дека ЕУ ќе може да ги реши сите прашања, за тоа ќе треба многу дијалог.
– Работиме многу напорно за да останеме обединети – нагласи Мишел.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно испрати писмо до Мишел, во кое се наведува дека предложените санкции на ЕУ, кои вклучуваат ембарго на руската нафта, не треба да се дискутираат на самитот на лидерите на ЕУ следната недела.
Во писмото, Орбан наведува дека е малку веројатно да се најде решение за предложените санкции до самитот на лидерите на ЕУ.
Тој нагласи дека Унгарија не може да се согласи со предложените санкции додека не се решат сите отворени прашања.