Фото: Твитер

Мирот во Украина ќе биде можен само ако се вратат границите на земјата од 1991 година, изјави денеска Андриј Јермак, помошник на претседателот на Украина Володимир Зеленски.

– Ќе има мир кога ќе ја уништиме руската армија во Украина и ќе дојдеме до границите од 1991 година – напиша Јермак на Телеграм.

Советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак претходно ги отфрли „теориите на заговор“ за предавање на неговата земја и „тајни преговори на Западот со рускиот претседател Владимир Путин“.

Тој на Твитер соопшти дека Украина нема да ѝ се предаде на Русија и оти тоа не е политичко прашање, туку прашање на опстанокот на украинскиот народ.

– Било какви теории на заговор за „предавање на Украина“ или тајни преговори на Западот со Путин не ги земаат предвид „малите детали“. Украинците. Таквите аранжмани не можат да се спроведат. Украина нема да клекне пред Русите. Не се работи за политика. Се работи за нашето постоење – напиша Подољак.

Зеленски, пак, оцени дека Русија сега бара кратко примирје, за да ги обнови силите, бидејќи, како што рече, нема да успее да ја заврши војната на сегашниот начин.

Во видео-обраќање до учесниците на Меѓународниот безбедносен форум во Халифакс, Зеленски рече дека Русија сега бара пауза за обнова на своите сили.

– Некои тоа може да го наречат крај на војната, но таквото одморање само ќе ја влоши ситуацијата – смета Зеленски.

Тој нагласи дека секоја помисла за отстапување на украинска територија или суверенитет не може да се смета за мир.

– Неморални компромиси ќе доведат до ново крвопролевање. Вистински, траен и искрен мир може да биде резултат само на целосно уништување на руската агресија – рече Зеленски.