Фото: Принт-скрин

Предупредува извршниот директор на Светската програма за храна

Договорот за извоз на жито од пристаништата на Црното Море мора да биде продолжен по секоја цена, напиша денеска на својот твитер-профил, извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бизли.

– Луѓето ширум светот се во голема опасност ако не ја обновиме иницијативата за извоз на жито од пристаништата на Црното Море. Житариците од Украина хранат околу 400 милиони луѓе ширум светот. Светската програма за храна со оваа иницијатива успеа да допре до само 36 милиони луѓе. Ако извозот не продолжи, ќе имаме масовна дестабилизација, миграции, глад – предупреди Бизли, порачувајќи дека ситуацијата е критична и го загрозува целиот свет.

Договорите за извоз на храна од Украина беа склучени на 22 јули за период од 120 дена и со нив се регулира извозот на жито од пристаништата Одеса, Черноморск и Јужни, кои се под контрола на официјален Киев.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска на конференцијата на ОН за неразвиените земји, што се одржува во катарската престолнина Доха, изјави дека Анкара е посветена на продолжување на договорот поддржан од ОН.

Чавушоглу истакна дека со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш разговарал за напорите за продолжување на договорот за извоз на жито.

Русија претходно соопшти дека ќе се согласи да го продолжи рокот на важност на договорот, доколку се земат предвид интересите на руските земјоделски производители.

Рускиот извоз на земјоделски производи не е директно цел на западните санкции, но Москва вели дека ограничувањата на процедурите за плаќање, логистиката и осигурувањето се „бариери“ за извоз на руски житарки и ѓубрива.

Договор за извоз на жито од Украина преку црноморските пристаништа беше постигнат во јули минатата година меѓу Москва и Киев, со посредство на ОН и Турција, откако Русија ги блокираше тие пристаништа по нападот на Украина. Договорот беше продолжен лани во ноември и ќе истече на 18 март годинава, доколку не се постигне договор за негово продолжување.