Анкара – Најмалку едно лице го загуби животот кога вчера се преврте туристички брод со околу 30 патници во близината на турскиот медитерански град Аланија, јавија турските медиуми. Агенцијата Анадолија пренесува дека бродот се превртел во близината на пештера што е туристичка атракција, на околу 100 метри од брегот. Спасувачките екипи на турската крајбрежна стража пристигнаа на местото на несреќата и во тек е акција за спасување, јавува Анадолија. Според последните информации, од водата е извлечено едно тело на давеник.
Вашингтон – САД избираат претседател меѓу актуелниот републикански претседател Доналд Трамп и демократот поранешен потпретседател Џо Бајден. Исходот од изборите со нетрпение го чека целата планета, бидејќи тоа ќе ѝ го отвори патот не само на Америка во следните четири години туку и ќе влијае на идните светски настани, јави Си-ен-ен. Рекордни над 95 милиони Американци веќе го искористија своето право на глас порано, лично или по пошта, што е околу 40 проценти од регистрираните да гласаат.

Адис Абеба – Најмалку 54 лица се убиени во напад на бунтовниците во регионот Оромиа во Етиопија овој викенд, соопшти Амнести интернешнел, пренесува „Гардијан“. Преживеаните од масакрот ги пребројале телата во школски двор во селото Гава Канка, кое било нападнато во неделата попладне, наводно од членови на Оромо ослободителната армија (ООА), која редовно се обвинува за киднапирања и бомбашки напади во западна и јужна Етиопија. Најголемиот број жртви биле жени, деца и повозрасни луѓе според сведочењата на очевидци што се криеле во шумските предели во околината.

Париз – Француската влада повторно ќе воведе полициски час во Париз, а можеби и за провинцијата Ил-де-Франс, за да се справи со растечкиот број на новоинфицирани со ковид-19, изјави портпаролот на француската влада, Габриел Атал. Полицискиот час ќе почнува во 21 часот, а ќе се воведе за време на новото затворање на земјата. Франција во понеделникот забележа рекордни 52.518 нови случаи на ковид-19 и дополнителни 416 смртни случаи. Бројот на хоспитализирани се зголеми за повеќе од 1.000.