Лагос -Повеќе лица што протестираа против полициската бруталност наводно се убиени или ранети во најголемиот нигериски град. Се смета дека има 12 загинати, како и ранети, откако војската отворила оган на протестите што се одржале во богатата населба Леки во Лагос. Двонеделните протести се резултат на барањата за расформирање на специјалната полициска единица против грабежи (САРС), која е обвинета за незаконски притворања, напади и пукања, пренесува „Би-би-си“.

Сао Паоло – Бразил планира да ја користи кинеската вакцина против коронавирусот во својата државна програма за имунизација, соопштија тамошните власти. Гувернерот на Сао Паоло склучил договор за набавка на 46 милиони дози од вакцината „коронавак“, која ќе почне да се користи идната година од јануари, вели „Би-би-си“.

Велингтон – Нов Зеланд регистрира 25 нови случаи на коронавирус, што е најголемиот дневен број на заразени по првичниот ек на пандемијата во март и април. Откако државата успешно се справи со ширењето на вирусот, сега на границите регистрира 18 заболени рибари од Русија и од Украина, кои пристигнале со директен авион од Москва, а два случаи, меѓу другите, се должат на локална трансмисија, јавува „Гардијан“.

Берлин – Најмалку 70 уметнички дела и историски артефакти во три галерии во музејскиот комплекс во германскиот град беа вандализирани со маслена супстанција на почетокот од овој месец. Германската полиција, која две недели ја држела истрагата во тајност, го поврзува ваквиот чин со теории на заговор и тврдења за сатанизам што се ширеле по социјалните медиуми, пренесе „Гардијан“.