Русија – Активностите на три вулкани на Курилските Острови и на Камчатка би можеле да го загрозат авиосообраќајот. На тоа вчера предупреди Серускиот научноистражувачки институт за јавна безбедност и вонредна ситуација во руското министерство за вонредни ситуации.
Во соопштението се наведува дека активностите на трите вулкани претставуваат потенцијална закана по меѓународниот и по локалниот авиосообраќај, пренесува ТАСС. Руските експерти исто така предупредуваат дека наноси на пепел и камења можат да ја загрозат безбедноста на патниот сообраќај.

САД – Белата куќа соопшти дека САД нема да се приклучат на глобалните напори да се обезбеди фер пристап до вакцината против ковид-19, велејќи дека проектот е поврзан со „корумпираната“ Светска здравствена организација (СЗО). Повеќе од 170 земји разговараат за приклучување кон иницијатива за вакцина позната како „ковакс“, која веќе доби гаранција од 400 милиони евра од Европската комисија.
Проектот беше организиран од сојузот за вакцини „Гави“, Коалицијата за иновации во подготвеност за епидемии (ЦЕПИ) и СЗО.
Портпаролот Џад Дир рече дека мултинационалните организации под влијание на корумпираната Светска здравствена организација и Кина нема да ги ограничат САД.

САД/Висконсин – Претседателот на САД Доналд Трамп го посети градот Кеноша во Висконсин, за да ги поддржи органите на прогонот по немирите што избувнаа откако полицајци застрелаа Афроамериканец. Трамп ја искористи својата посета на градот за да ја зајакне својата порака за „закон и ред“ и да ги критикува демократите, бидејќи неколкунеделните немири за расната нееднаквост и полицијата ја поларизираа земјата пред изборите во ноември. Протестите во Кеноша прераснаа во насилства откако полицијата на 23 август седум пати пукаше врз Џејкоб Блејк за време на расправија додека бил приведуван за време на домашен спор.