Киншаса – Над две третини од луѓето анкетирани во 20 африкански земји изјавиле дека ќе се соочат со недостиг од храна и вода ако треба да се изолираат дома 14 дена. Над половина од испитаниците изјавиле дека ќе останат без пари. Истражувањето е спроведено од африканските центри за спречување и контрола на болестите, за да им помогне на африканските земји подобро да се справат со коронавирусот.

Сеул – Јужнокорејската разузнавачка агенција соопшти дека се неосновани тврдењата за влошено здравје на севернокорејскиот лидер Ким Јонг ун, како и дека нема знаци дека тој имал операција на срцето. Ким околу 20 дена не се појавуваше во јавноста, по што се појавија шпекулации дека е тешко болен, па дури и мртов. Тој неодамна се појави во една фабрика и се чини дека е во добра здравствена состојба.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека планира да ја расформира работната група за справување со коронавирусот, предводена од потпретседателот Мајк Пенс. Тој се залага за што побрзо отворање на економијата и за укинување на карантинските мерки во сојузните држави, иако бројот на нови дневни инфекции е околу 20.000, а бројот на жртви на ковид-19 надминува 1.000. Здравствените експерти предупредуваат дека вирусот може уште повеќе да се прошири ако пребрзо се отвори економијата.

Рим – Повеќето европски лидери најавија дека може да ги ублажат карантинските мерки за да може граѓаните да одат на летни одмори по повеќенеделните ограничувања поради пандемијата на коронавирусот. Агенциите, пак, објавија зголемување на бројот на аранжмани од граѓани, кои се надеваат дека мерките ќе бидат ублажени за време на летните месеци.

Копенхаген – Данска и Германија се земјите што предводат во обидите за враќање на нормалните услови во образовните установи, отворајќи ги училиштата и обидувајќи се да ги спроведат мерките за физичко дистанцирање меѓу децата. Потегот ја подели јавноста во однос на тоа дали воопшто е можно да се спроведат мерките кај децата и кои деца први би требало да се вратат во училиште.