Фото: НАТО

Претседателот на Литванија Гитанас Науседа повика на зајакнување на источното крило на алијансата по краткиот вооружен бунт на приватната воена компанија „Вагнер“ против Москва.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Вилнус ќе се сретне со Науседа како дел од подготовките за самитот на НАТО на 11 и 12 јули во главниот град на Литванија. Клучна тема на состанокот ќе биде војната на Русија против Украина.

Претседателот Науседа се произнесе за договорот со посредство на Белорусија за смирување на кризата, според кој шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин оди во егзил во Белорусија.

Белорусија граничи со Литванија, членка на НАТО.

Науседа предупреди дека присуството на Пригожин во Белорусија и превирањата во Русија го ставиле регионот во опасна ситуација.

– Овде не зборувам само за Литванија, туку и за НАТО како целина. Имаме работа со голема земја, нуклеарна земја и какви било внатрешни немири неизбежно имаат последици за безбедноста на околните земји – рече Науседа, мислејќи на Русија, а пренесе литванското радио.

Тој рече дека се уште нема информации дали шефот на „Вагнер“ е веќе во Белорусија и најави дека Литванија ќе распореди повеќе разузнавачки ресурси за да ги процени „политичките и безбедносните аспекти“ во Белорусија.