Фото: Твитер/МНР на Русија

Соединетите Американски Држави, во обид да воспостават хегемонија, ги преминаа сите граници на пристојност, но Кина носи свои заклучоци, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

-Денес се’ може да се очекува од Соединетите Американски Држави. Во обид да ја воспостават својата хегемонија, тие веќе ги преминаа сите граници на пристојност: дипломатска, етичка и сите други – рече Лавров во интервју за телевизијата „Русија 1“ коментирајќи ги изјавите на САД.

Според неговите зборови, овие изјави биле разговарани со кинеските колеги.

-Кинеската страна ја отсликува традицијата на голема цивилизација стара илјадници години. И кинеската страна разви свој стил низ годините. Тоа лежи во достоинството, се состои во длабока анализа на сето она што се случува за да не се преземат избрзани чекори. Но, кинеската страна, секако, носи заклучоци и тоа најдлабоки – одговори Лавров на прашањето како кинеската страна гледа на притисокот на САД.

Кинескиот претседател Си Џинпинг од 20 до 22 март беше во државна посета на Русија, што е негово прво патување во странство откако по трет пат беше избран за шеф на државата. На првиот ден од посетата, претседателот на Кина четири и пол часа разговараше со рускиот претседател Владимир Путин на неформален состанок во Кремљ, додека официјалните руско-кинески разговори беа одржани на 21 март со учество на делегации.