Неизвесност околу шестата точка од меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран во врска со „обврската на Вашингтон и регионалните партнери за рехабилитацијата на економскиот развој на Иран“
- Нацрт-договорот, односно меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран за мир, сочинет во 14 точки, во шестата точка посочува дека Техеран (се разбира, под услов да ги исполни обврските поврзани со својата нуклеарна програма во понатамошните преговори) ќе може да искористи фонд за развој од 300 милијарди долари
Иран би можел да има пристап до 300 милијарди долари за обнова по завршување на војната, ако се придржува до мировниот договор што неодамна го постигна со САД, објавуваат светските медиуми, повикувајќи се и на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, додека „Ројтерс“ извести дека половина од предвидените пари веќе се обезбедени. Од друга страна, претседателот на САД, Доналд Трамп, ги отфрли информациите според кои Америка ќе плаќа за обнова на Исламската Република. Па, затоа се поставува прашањето кој всушност ќе плаќа 300 милијарди долари за да му помогне на Иран да се справи со последиците од масовното уништување претрпено во интензивната кампања со воздушни удари предводена од САД и од Израел?
Фондот ќе биде финансиран од државите од Персискиот Залив?
Во договорот, чие потпишување е предвидено за денеска, не се наведуваат детали дали САД сами ќе финансираат 300 милијарди долари или и други земји ќе имаат учество за обезбедување на фондот. Одредени извештаи се повикаа на потпретседателот Џ.Д. Венс, за да сугерираат дека предложениот фонд од 300 милијарди долари што го разгледува администрацијата на Трамп ќе биде финансиран од приватни компании што сакаат да инвестираат во Иран. Администрацијата на американскиот претседател нагласи дека овие пари нема да дојдат од американските даночни обврзници, објави „Си-ен-ен“. Наместо тоа, фондот ќе биде финансиран од држави од Персискиот Залив, со пари што ќе бидат достапни само ако Иран се придржува до мировниот договор.
Потпретседателот Џ.Д. Венс јасно стави до знаење дека средствата наменети за реконструкција на Иран ќе бидат исплатени само откако Иран исполни одредени услови. Тој алудираше на условни и можни инвестиции од самите држави од Персискиот Залив врз кои Иран изврши напади со беспилотни летала и ракети во текот на војната. Заливските држави и САД ќе треба да се осигурат дека парите нема да се искористат за финансирање на иранските програми за балистички ракети и за беспилотни летала.
Венс во понеделникот за „Си-би-ес њуз“ изјави дека фондот за реконструкција од 300 милијарди долари е „нешто до кое тие (Иран – н.з.) би можеле да имаат пристап“, додавајќи дека фондот би бил „финансиран од коалицијата, сè додека Иранците го почитуваат својот дел од обврските“.
– Апсолутно сме отворени за земјите од Персискиот Залив да инвестираат во реконструкцијата на Иран, но само ако Иран ја заврши својата нуклеарна програма, ги заврши своите збогатени резерви на материјал и е навистина отворен за инспекции и режим на спроведување што му дава доверба на американскиот народ дека никогаш нема да имаат нуклеарно оружје – изјави Венс за „Си-би-ес њуз“.
Тој за „Фокс њуз“ додаде и дека САД „ќе поканат други земји да инвестираат во Иран“.
– Иранците не добиваат ниту цент освен ако не се однесуваат добро и не го променат своето однесување и никогаш нема да добијат ниту цент од парите на американските даночни обврзници. Никогаш, точка – рече Венс.
Парите се условени со обврските за Иран
Нацрт-договорот од 14 точки, чиј целосен текст беше објавен од списанието „Тајм“, посочува дека Техеран, под услов да ги исполни обврските поврзани со својата нуклеарна програма во понатамошните преговори, можеби ќе може да искористи фонд за развој од 300 милијарди долари. Според извештајот, шестата точка од договорот гласи: „Соединетите Американски Држави се обврзуваат, заедно со своите регионални партнери, да создадат сеопфатен план договорен од двете страни за рехабилитација и економски развој на Исламската Република Иран, а воедно да обезбедат финансирање од најмалку 300 милијарди долари. Механизмот за имплементација на овој план, како дел од конечниот договор, ќе биде формулиран во рок од 60 дена“.
Фонд за реконструкција или за приватни инвестиции?
„Ројтерс“ завчера објави дека станува збор за приватен фонд од 300 милијарди долари, дизајниран да поттикне инвестиции во Иран, и оти е наведен во рамковниот договор меѓу САД и Иран. Агенцијата притоа цитира извори што велат дека фондот е дизајниран да им даде на двете страни економски поттик да склучат конечен договор за завршување на војната.
„Ројтерс“ исто така за првпат откри дека повеќе од половина од износот е веќе обезбеден и дека ќе биде составен целосно од средства од приватниот сектор.
– Новиот фонд е приватно инвестициско средство, а не програма за реконструкција или репарации и нема да вклучува никакви владини пари или грантови – изјави извор на „Ројтерс“.
Се додава дека компаниите со седиште во САД, земјите од Заливот, Азија, Јужна Америка и Африка се согласиле да извршат финансирање. Ветените инвестиции се однесуваат на енергетиката, логистиката, производството и транспортот, според извор на „Ројтерс“
Како можат да придонесат земјите од регионот
Ирански извор за „Ројтерс“ изјави дека Техеран првично побарал 400 милијарди долари како компензација за воените штети од САД, но Вашингтон рекол дека нема да ги обезбеди. Потоа се појавила идејата за фондот, кој е предвидено да биде наречен Фонд за обнова и развој.
– Механизмот предвидува регионалните земји да придонесуваат на различни начини – рече иранскиот извор.
Тие вклучуваат обезбедување кредити, воспоставување кредитни линии или директно финансирање на реконструкцијата на локации оштетени во војната, вклучувајќи објекти како што се комплекс за челик, рафинерии, аеродроми и инфраструктурата погодена од конфликтот.
– Инвестицискиот фонд е целосно одделен од паралелната преговарачка патека за укинување на санкциите на САД и ослободување на иранските суверени средства замрзнати во странство – беше цитиран изворот.
Фондот нема да биде создаден ниту ќе стане оперативен сè додека не се склучи конечен и задоволителен договор. Меморандумот за разбирање, откако ќе биде потпишан, има цел да го структурира процесот во следните 60 дена.
– Фондот ќе биде создаден само откако ќе се потпише конечниот договор. Во текот на овие 60 дена, администраторите на фондот ќе работат со Иранците и инвеститорите за планирање и за обемот на проекти – се заклучува во известувањето на „Ројтерс“. Р.С.

































